Таткото на еволуцијата во поинакво светло

Дизни ќе прави филм за Дарвин

Првата асоцијација на Дарвин, освен мајмуните, е чичко - или повеќе дедо - со долга брада и загрижен израз на лицето. Но во новата холивудска верзија на неговата биографија тој ќе добие третман на Индијана Џонс, а неговиот живот ќе биде претворен во филм, од жанрот авантуристички

Периодот на којшто ќе се однесува филмот е оној на неговите патувања пред да ја напише „За потеклото на видовите", кога со Бигл, почнувајќи од 1831 па во следните пет години, ги поминал Јужна Америка, Австралија и Јужна Африка. Експертите и наследниците на британскиот природонаучник, „татко на еволуцијата", го поддржуваат проектот, со образложение дека приказот на неговите морепловни и истражувачки авантури би можеле да ги инспирираат младите да научат нешто за неговото дело, но и да им ја разбијат стереотипната слика за научник кој главно се досадува во неговата лабораторија, опкружен со дебели, правливи книги, а без никаква видлива возбуда.

„Дизни филм за Дарвин? Звучи супер, тој баш бил фраер во младите години", изјавила Лора Кејнс, далечна внука на Дарвин. И навистина, доколку се погледнат документите за него од споменатиот период тој бил силен и атлетски граден, а по карактер шерето. На неговите патувања доживеал земјотрес во Чиле, востание во јужна Патагонија, ерупции на вулкани и откривање огромни фосили.

Режисер на филмот ќе биде Стивен Гаган, сценаристот и режисер на „Сиријана" со Џорџ Клуни.

30 јуни 2015 - 21:24