Нов биографски филм на Тим Бартон

Децата со големи очи: приказна за една уметничка измама

Во 1960-тите Валтер Кин станал славен по неговите сентиментални портрети на дечиња. Но вистинскиот автор на овие слики била неговата жена Маргарет, која тој сурово ја експлоатирал. Сега нејзината приказна ќе биде филмувана од Тим Бартон.

Сè почнало во средина на педесетите во Сан Франциско, кoга на уметничката сцена се појавил интересен автор кој сликал деца со големи и тажни очи, наводно инспириран од оние кои ги гледал како американски војник по европските фронтови. И американските семејства, но и холивудските ѕвезди како Џоан Крафорд, Дин Мартин и Ким Новак полуделе по сликите, а како алва се продавале и други производи со детските ликови, како разгледници или тефтери.

За оние кои лично го познавале нивниот автор, Валтер Кин, сентименталноста на портретите била во најмала рака сомнителна. Тој бил познат бекрија, кој откако купил куќа со базен и слуги често правел забави, кои вклучувале голи жени, и други колеги-мераклии, како на пример Бич Бојси.

Во интервјуата кои ги давал не штедел пофалби за самиот себеси, како и воодушевувањето кое кон него го изразувала неговата сопруга, Маргарет. Нејзе во еден момент ѝ се прелеала чашата, па во 1970 му ја раскажала нејзината приказна на еден новинар - дека нејзиниот сопруг не би можел да нацрта ништо дури ни животот да му зависи од тоа. И дека сите негови слики всушност ги направила самата таа.

Храбоста за ваквото обелоденување на вистината таа ја собрала по разводот со Волтер, после кој тој и понатаму ја малтретирал да слика, често и по шеснаесет часови затворена во соба, со навлечени завеси, додека тој се занимавал со поубави нешта.

По истапот на жена му Валтер бурно реагирал, велел дека таа е пијаница и психопат-нимфоманка. Таа пак се повлекла на Хаваите и преминала во Јеховини сведоци. Продолжила да слика деца со големи очи, но сега како пливаат во тропското море и се смешкаат. Валтер почнал да пропаѓа и живеел во рибарска колиба во Калифорнија, но и понатаму не признавал дека сликите не се негово дело. Тогаш таа го тужела, и судијата не се двоумел како најлесно да го реши случајот - им ставил на двајцата штафелаи во судница, и ги предизвикал на сликарски двобој.

Во сцена која веројатно го предизвикала и Тим Бартон да ги побара правата за целата приказна и да сними филм според неа, во сојузниот суд во Хонолулу, Маргарет Кин 53 минути сликала уште едни славни „големи очи", а Валтер не насликал ништо, велејќи дека не може затоа што „го боли рамото". Отштетата која требало да се исплати на Маргарет била 4 милиони долари. За жал таа не добила ни цент, затоа што парите на Волтер веќе биле потрошени.

Затоа, некаква сатисфакција за неа ќе биде спомнатиот филм „Големи очи", кој треба да почне да се прикажува до крајот на годинава. Таа дури и се појавува во филмот, како старица која седи на клупа. Нејзиниот маж го глуми Кристофер Волц, за кого велат дека шокантно личи на оригиналниот лик. Валтер умрел во 2000, а оставил мемоари во кои жали за убавите денови на (лажната) слава.

27 ноември 2014 - 08:41