Данкан Џонс за „Воркрафт“ и татко му Дејвид Боуви

За гејмерите-љубители на играта, филмот правен според „Воркрафт" е долго очекуван проект. Со буџет од 100 милиони долари и куп визуелни ефекти, тој е истовремено и голема надеж за неговите продуценти. За режисерот пак, филмот е поврзан со лични приказни и животни искушенија.

Данкан Џонс, чие родено име е Зоуви Боуви, син на Дејвид Боуви од неговиот прв брак, денес (30 мај) полни 45 години. За него „Воркрафт" е прв проект од толку голем обем - со само два претходни филма во неговата биографија тој сепак има доволно искуство, претходно режирајќи научна фантастика („Месечина" со Сем Роквел и „Изворен код" со Џејк Гиленхал). Сепак неговата одговорност, особено пред гејмерите кои минуваат повеќе време во играта отколку во реалноста, е голема.

„Веројатно повеќе отколку со било која друга компјутерска игра, кога е во прашање Воркрафт мора да се земе предвид дека таа за нејзините фанови е како дом. Ако ја згрешиш работата, тоа ќе биде како со луѓето од Нотинг Хил, кои уште не можат да се помират со истоимениот филм", вели режисерот.

Сепак, тој направил извесни промени во ликовите и во сценариото, па орките кои во играта се лоши, тука можат да бидат херои исто како и луѓето. Улогата на режисерот во вакви филмови се разликува од онаа „традиционалната", бидејќи по снимањето со реални актери, дигитално регистрирајќи го секое нивно движење и правејќи од нив аватари, тој почнува да работи со аниматори и специјалисти за визуелни ефекти.

Но од интимен аспект годините минати на работа на филмот за Џонс биле период на семејни борби и трагедии. Во 2012, кога почнал со „Воркфарт", неговата жена Роден морала да направи дупла масектомија заради рак на дојка. А кога филмот бил речиси завршен, почина татко му.

„Филмот ми почна и ми заврши со рак", вели тој.

Добрата вест е дека истовремено со премиерата на филмот се очекува раѓањето на неговото прво дете. „Тоа е кругот на животот. Минуваш низ тешки моменти, губиш блиски луѓе, но нови ти влегуваат во животот. За голем број луѓе Воркрафт ќе биде само филм, за мене тој е важен дел од животот", додава Џонс. 

Tрејлер за филмот:

Целото интервју во Њујорк Тајмс тука

30 мај 2016 - 15:59