Далија Дарбишир или жената-легенда на електронската музика

Исклучителна жена, која комбинирајќи ги интересите за математика и музика создала сопствен пристап во третирањето на звукот, наречен психо-акустика. Таа е легенда на полето на раната електронска музика, а како своја инспирација ја наведуваат голем број современи артисти. 

Делија Дaрбишир е родена во Англија во 1937. Дипломирала математика и музика, но кога се обидела да се вработи во познатата дискографска компанија Decca ѝ било речено дека тие не вработуваат жени во нивните студија. Немајќи други опции во професијата почнала да работи за Обединетите нации во Женева, но набргу се вратиила во Лондон и се вработила кај музичките издавачи Bossey&Hawkes.

Во 1960 преминала во Би-би-си каде имала одлична позиција на студиски менаџер. Сепак побарала да биде префрлена во тн. „Радиофонична работилница" во истата куќа, каде се создавале звучните ефекти и музика за радиото. Тоа станал нејзиниот сопствен рај, каде можела да ги комбинира интересите за теоријата и перцепцијата на звукот со неговата моќ за комуникација на расположенија, користејќи исклучиво електронски извори. Една од првите креации ѝ била преработка на темата за „Доктор Ху", онаква каква што ја знаеме денес. Со нејзината работа во одделот всушност почнало златното доба на овој дел на Би-би-си, кој начелно бил формиран исклучиво за потребите на радио-драмата, но наскоро почнал да прави музика и за документарци и посебни научни и образовни програми.

Кoга ќе се случело нејзината музика да биде оценета како „пресофистицирана за публиката на Би-би-си", таа ја нудела за филм, театар и за различни електронски музички настани. Го инспирирала формирањето на неколку приватни електронски музички студија, а нејзиниот статус е легендарен не само во Британија, туку и во Шведска и Јапонија. Работела со Пол Мекартни (со кого требало да направи електронска позадина за Yesterday, но тој во последен момент се одлучил за жичани инструменти), Штокхаузен, Пинк Флојд, Ринго Стар.

Од седумдесетите, па сè до пред смртта во 2001, Дарбишир била прилично повлечена, а тоа се должело на појавата на комерцијалните синтисајзери, после кои правењето електронска музика според неа едноставно станало прелесно. Новата музика ѝ била здодевна, и во неа немало место за нејзиниот аналитички пристап, кого самата го нарекувала психо-акустика.

На оваа исклучителна жена ѝ се посветени два документарци, едниот за радио (тука) и еден на Кара Блејк од 2009, под наслов The Delian Mode:

Погледнете ја пионерката на електронската музика и слушнете го она што го работела, а што и денес ги инспирира современите музичари, како Соник Бум, Афекс Твин и Кемикал брадерс, кои ја наведуваат како нивна инспирација.

2 јули 2015 - 14:54