Дали она што се случи на Оскарите е доказ дека живееме во компјутерска симулација?

Гафот на Оскарите беше бизарен, но на начин кој е типичен за целиов овој бизарен период, вели Адам Гопник од Њујоркер, кој излегува со...бизарна теза. Дека необичните настани кои се случуваат низ светот во последно време се резултат на грешка во Матриксот. Не, не е сатиричен текстот.

Тоа што „Ла Ла Ленд“ беше заменет со „Месечева светлина“ како најдобар филм необично потсетуваше на Ноќта на изборите во САД. При пребројувањето работата делуваше повеќе или помалку очекувана, но само што се наѕираше резултат во корист на Хилари, некаде во седум попладне, започна хаос сличен на оној на сцената на Оскарите. По пребројувањето во Флорида, прашањето и ревидираниот и неочекуван резултат се постави прашањето „како е ова можно?“.

„Месечева светлина“ не е кинематографски пандан на Трамп, но ритамот на ноќта и она што се случи на крај е нешто што не се случило никогаш до сега. Најдобриот опис всушност и не е грешка или гаф, туку многу голем дефект. Трамп не може да биде Претседател - таков каков што е, очигледно неподготвен за функцијата, дрзок и не налик на ниту еден претходен претседател. И контроверзи во врска со Оскарот имало претходно - неподигнати трофеи и изедначени гласови - но никогаш не му бил доделен Оскар на сосема погрешен филм, а грешката никогаш не била исправена дури по оддржаните говори.

Така, обата настани даваат повод за една едноставна, иако откачена теза: ние живееме во Матрикс и нешто во него тргнало наопаку. Оваа идеја во последно време е промовирана од филозофот Дејвид Чалмерс. Според него она што се случува последнава година е потврда на тезата дека живееме во компјутерска симулација, а луѓето или машините или вонземјаните кои би требало да ни ги контролираат животите доживуваат некаков крах. Ние сме „глич-от“ во целата таа приказна.

Според принципот на „Окамовиот брич“ - дека од сите понудени хипотези со иста моќ на објаснување најточна е наједноставната - откако ќе почнеме да ги анализираме настаните низ оваа призма одеднаш сè добива смисла. Можеби и не се работи за глич, туку за намерно играње со нашите судбини, каприц на некој зол лик со смисол за хумор кој почнува да ги притиска погрешните копчиња само за да види како ќе реагираме. Можеби оној кој го држи контролерот е адолесцент-бунтовник, и ова е неговата чудна идеја за забава.

Целава идеја не е нова. Уште во 2003 Ник Бостром, филозоф од Универзитетот во Оксфорд, сугерираше дека припадници на понапредна цивилизација со огромна компјутерска моќ на располагање можеби одлучиле да прават симулации со нивните предци (=со нас). Но во последно време оваа идеја како да почнува да добива на сила. Во април минатата година во Американскиот музеј на природонаучна историја се собраа голем број умови, кои под модераторство на Нил деГрас Тајсон, проценија со веројатност од отприлика 50-50 дека ние сме само програма на нечиј хард диск. Потоа во октомври елитата на Силициумската долина, меѓу кои и Илон Маск, побара помош од научниците да му помогнат на човештвото да ги скрши оковите на симулацијата во која се наоѓа (видео тука)

Без оглед кој и зошто ги мрда конците на нашите умови и однесување, во блиска иднина може да очекуваме уште поненормални настани. Освен доколку не се работи за ситен дефект кој може да се исправи со враќање на некој виртуелен штраф на вистинското место. И тогаш, сè ќе стане нормално, а овие извитоперени времиња ќе бидат само како лош сон.

1 март 2017 - 10:29