Дали е подобро да победиш искушение или никогаш да не го почувствуваш?

Од невини престапи како да каснеш падобранец сред диета, до поголеми кои вклучуваат измами, секс или пари. Најчесто им одолеваме, особено на поголемите. Но кој е подобра личност: оној кој постапува морално додека е искушуван, или оној кој никогаш не доаѓа во таква ситуација?

Во еден зен коан двајца свештеници патуваат по каллив пат до својот храм. Сретнуваат убава девојка во свилено кимоно која не може да го мине патот. Едниот ја крева на раце и ја пренесува преку калта. Другиот не прозборува до вечерта. Кога веќе не може да издржи, му пререкува на пријателот: „Ние свештениците не им приоѓаме на жените, посебно не на млади и убави. Зошто го направи тоа?“. Другиот му одговара: „Јас таа девојка ја оставив таму. Дали ти се уште ја носиш?“

Постојат две гранки на моралната филозофија кои имаат спротивставени ставови за тоа кои дејства се сметаат за најморални. Едната, поврзана со Аристотел, вели дека вистински морална личност со цело срце сака да го стори она што е исправно и ниту еден дел од неа не сака да биде неморална. Друг аргумент, поврзан со Кант, вели дека дејството е вистински морално само доколку НЕ е нешто што и онака би го направил - инаку, човек само дејствува врз основа на своите желби, и тој чин не може да се смета за нешто особено морален. Според Кант потребно е да се вложи дополнителен напор да се надмине искушението/поривот да се биде „лош“, за да може да се смета дека некој е навистина добар.

Во истражување на тоа како се развива моралното поведение во текот на животниот век, истражени се повеќе од 250 деца од три до осум години, и скоро 400 возрасни. Од секој учесник било побарано да одлучи кој е поморален лик во приказна во која и двата постапиле во основа морално. Две деца кршат вазна и обете кажуваат на мајка си за тоа. Но едното сака да ја каже вистината, а другото прво се мисли да излаже, за да ја одбегне потенцијалната казна. Одговорот на повеќето деца бил дека оној што дејствува исправно без да почувствува искушение е морално супериорен во однос на другиот. Но кај возрасните било обратно. Тие му дале поголем морален кредит на оној кој има макар и ронка негативни желби. Можеби затоа што, како и Кант, возрасните желбата да се дејствува неморално ја сфаќаат како суштинска компонента на она што се дефинира како „морален акт“, а не само како дејство кое случајно има позитивен резултат. Според ова, само кога сакаме да бидеме лоши ја имаме способноста да го одбереме доброто.

Сепак, дури и возрасните одредиле граници на овој концепт, па некој кој е во искушение да малтретира дете, а постапува „морално“ само затоа што го надминува овој порив, се смета за понеморален од некој кој никогаш не му паѓа на памет да малтретира дете. Откривањето на својствата на искушенијата кои водат до морална пофалба и оние кои водат кон осуда е нешто што кажува многу за вредносниот систем на една заедница.

Засега, претпоставката е дека децата почнуваат со по „аристотеловска“ морална психологија, но по некое време, по осмата година, транзитираат кон по „кантовска“, оценувајќи ја вредноста на моралните постапки според тоа колку тие им паднале тешко на луѓето кои требало да ги извршат. Можеби ова е затоа што децата со текот на времето го сфаќаат јазот помеѓу волјата да се греши и желбата да се биде добар (заради фалба или можна санкција). Така со текот на времето се сфаќа и тежината на донесувањето одредена одлука, и повеќе се цени моќта на волјата кај оние кои навистина ја имаат. Возрасните пак се свесни дека унифицирано „јас“, без внатрешни конфликти, кое е сосема имуно на искушенија, не постои, и дека ваквиот морален супер-херој не е баш соодветен урнек за проценка на реалните човечки постапки.

А сега да се вратиме на почетокот. Дали сте вие зен свештеникот кој ја пренел девојката преку патот без воопшто да падне во искушение да помисли на нешто друго, или сте оној кој го надминал искушението да ја допре (притоа дејствувајќи „морално“), но не престанал да мисли на неа? Или сте можеби девојката што кисне во свилено кимоно на дождот, додека овие двајца да се договорат кој е поморален?

12 јануари 2017 - 12:05