Дали е можно да се биде истовремено и анархист и банкар?

Ова е главната тема на краток текст на славниот португалски писател Фернандо Песоа. Иако објавен во далечната 1922, тој делува неверојатно актуелен, спојувајќи во нешто што изгледа како идеолошки оксиморон две спротивставени позиции на постигнување човечка слобода.

„Банкарот анархист" е насловот на расказот на Песоа, кој по својата форма додуша повеќе личи на сократовски дијалог, во кој едниот лик (слушателот) само повремено ги доведува во прашање ставовите на говорникот (банкарот-анархист), на тој начин давајќи им полет на неговите аргументации. Сепак, наспроти Сократ кој често покажува сомнеж кон сопствените ставови, банкарот е речиси догматски убеден (а богами и убедлив), изнесувајќи ги своите ставови паралелно со својата автобиографија - патот од сиромашно работничко семејство, преку членувањето во анархистичка дружина, до станувањето пребогат банкар.

„Што е всушност анархистот? Тој е личност која се бунтува против неправедноста што луѓето се раѓаат општествено нееднакви...Вистинското и единственото зло во светот се општествените правила и фикции што ги надвладуваат природните устројства: сè, од семејство до пари, од религија до држава", вака ја дефинира анархистичката позиција ликот на банкарот. 

Сепак, тој низ логичка аргументација се обидува да покаже дека ниту едно општество, кое во суштина е фикција, не може да го оствари идеалот на „природноста", односно на нам природно дадената слобода и еднаквост, што значи дека анархистичкиот идеал е однапред осуден на неуспех доколку се префрли на полето на праксата. Оттаму, најбезболното и најпрактичното решение е внатре во неизбежната фиктивност да најдеме верзија која ја чувствуваме како природна. А која би била таа? Онаа на којашто сме се НАВИКНАЛЕ. Аналогијата со која се илустрира ова тврдење е онаа со пушењето, кое не е природно, но кое ако долго време се повторува станува толку силна навика што го чувствуваме како сраснато со нашата природа.

А која општествена фикција била навика во таа 1922 година? Навиката на буржоаското општество. Оттаму, заклучува банкарот, тоа е единствената опција која треба да се поддржи, бидејќи секоја друга само неуспешно заменува една фикција со друга, секоја понесоодветна од претходната, бидејќи е нова, невлезена во навика, и оттаму „неприродна".

Но зошто овој анархист решил да стане не само поддржувач на постоечкиот систем, туку уште и банкар? Навидум апсурдниот одговор е - заради идеалот на слобода. Имено, во анархистичката група во којашто тој членувал за да придонесе кон колективно подобро утре, ослободено од тиранијата на општествените фикции, со текот на времето се случило токму тоа - тиранија на малцинството подоминантни и поагресивни, кои со разни методи, од убедувања до подлости, се обидувале да се наметнат. Така, во основа чесни и умни луѓе го правеле токму она против кое се бореле - создавале нова микро-општествена фикција, во која владее тиранија, дури и кога некому се помага, бидејќи и тоа значи дека тој друг се прогласува за неспособен и му се одзема личната слобода.

Решението според банкарот е - да се работи на истата цел, но одделно. Секој оној кој работи на сопствената слобода, без да наметнува метод, темпо и воопшто обврска за такво нешто над другиот, е вистински анархист, кој на тој начин преку сопствен пример ја шири анархистичката идеологија и го исполнува идеалот за слобода. Изборот на професија секако не е случаен, па банкарството е одбрано како парадигматична област која дава отпор на парите како главна алатка за подјармување и укинување на човечката слобода, со тоа што банкарот почнува толку да се збогатува, што веќе парите не му се фактор што ја ограничува неговата сопствена слобода. Заклучок од сето ова: да се биде банкар и истовремено анархист не само што не е контрадикторно, туку е и единствената чесна и остварлива комбинација на теоријата со праксата.

Различни толкувања на овој расказ на Песоа во него се обидуваат да најдат логички недоследности и наводно погрешни толкувања на клучните термини (за еден од подобрите такви текстови тука). Други пак во ова гледаат одлична подлога за театарски претстави и видео инсталации (претходната слика) поврзани со современата етичка криза во финансискиот бизнис, особено по онаа американската во 2008. Но и без одење во детали, интуитивно човек чувствува дека дури и ако го третира овој текст (само) како сатира, во него „има нешто“. Преведен е на македонски и има 70 странички - прочитајте го пред отфрлите некого како анархист (или барем како борец за човечки права) само затоа што не е маченик, или е волк-самотник во својата борба. 

20 јуни 2016 - 14:50