Детали околу новиот албум на Боуви

Дали „Црна ѕвезда" има врска со радикалниот исламизам?

Во тазе интервју за Ролинг Стоун продуцентот Тони Висконти вели дека целта на Боуви била „да се избегне рокенрол", а еден член на бендот тврди дека стиховите на првиот, истоимен сингл, се однесуваат на Исламската држава.

Непредвидлив, ексцентричен, одличен - сето ова отсекогаш важело за Боуви, кој не престанува да изненадува и воочи неговиот 69-ти роденден. Како што беше најавено токму на тој датум, 8 јануари 2016, ќе излезе неговиот нов албум, „Црна ѕвезда".

Првичните информации за него, дека содржи џез, електроника, краутрок и грегоријански напеви беа отфрлени од самиот Боуви во сосема кратка изјава на неговиот официјален сајт, a првиот 10-минутен сингл, „Блекстар", објавен на 20 ноември, покажа дека сировиот рокенрол од неговиот претходен албум „Следниот ден" е минато. Тешко е да се опише што сè се случува во првообјавената песна - амбиенталност, атоналност, моменти на тишина, а кога се во прашање стиховите атмосфера на окултност и мистерија. Продуцентот Тони Висконти во интервју за Ролинг Стоун откри како се одвивал процесот на работа и кои биле главните музички инспирации за овој албум.

Тој и Боуви пред снимањето минале долго време слушајќи го новиот албум To Pimp a Butterfly на Кендрик Ламар. „На крај не испадна ништо слично на тоа, но ни се допаѓаше фактот што Кендрик е толку слободоумен и не направил апла хип-хоп албум. Има измешано сè и сешто, што и ние сакавме да го направиме. Целта на многу начини беше да се одбегне рокенрол".

Тој обелодени и дека Џејмс Марфи од ЛЦД Саундсистем свири перкусии на две песни, иако на почетокот неговата улога требало да биде поголема, како еден од продуцентите. Синглот „Блекстар" оригинално траел 11 минути, но потоа е скратен на 9:57 откако сфатиле дека iTunes не постираат синглови подолги од 10 минути.

Стиховите на една од песните се од „Пеколниот портокал", а на друга се напишани на „полари", геј сленг користен во Лондон во средината на 20. век. Според изјавата на саксофонистот кој свирел на албумот, Дони МекКаслин, Боуви му рекол дека насловната нумера има врска со ИСИЛ (стиховите тука), но ова останатите музичари го негираат.

Боуви нема настапено јавно од изведбата со Алиша Кис на хуманитарен настан во Њујорк во 2006, и нема дадено интервју повеќе од една деценија. Ова доведе до гласини дека тој е во лоша здравствена состојба, особено по итната операција на срце, но сите кои работеле на новиот албум велат дека тоа нема врска - сесиите траеле по седум часови, и тој пеел со полна сила целиот ден. Истовремено работел на оф-Бродвеј продукција на мјузиклот Лазарус. Сепак, сите кои го познаваат велат дека негова турнеја за новиот албум би била големо изненадување. 

Ако се уште не сте го виделе, еве го видеото за „Блекстар“

Од новиот албум на Кендрик Ламар, за споредба на атмосферата:

 
25 ноември 2015 - 20:11