Цвеклото на Ајнштајн: книга за различните фобии поврзани со храна

Бритни Спирс мрази ролат од мелено месо и секаква „набабрена“ храна. Артуро Тосканини мразел риба. Ен Рајнд се грозела од салати. Оваа книга е истражување на светот на храната, но од страната на аверзиите кон неа.

Пред само неколку дена од печат излезе книгата „Ајнштајновото цвекло: истражување на фобиите поврзани со храна“ на Александар Теру (Alexander Theroux). На повеќе од 800 страници (?!) тој паралелно пишува за прекумерните и нелогични стравови од одредени предмети или ситуации поврзани со јадењето, но и за оние славни личности кои страдале од ваквите состојби.

Она што тој го покажува во книгата е дека дистинкцијата помеѓу фобија, нелагодност, едноставна преференца, аверзија и опсесија се сепак прилично нејасни. Храната е симбол на класа, статус и идентитет, па оттаму кога е таа во прашање не се работи само за нејзино физиолошко одбивање, туку често се во прашање подлабоки културолошки и психолошки причини зошто некоја храна ни е фиксација и фетиш, без оглед дали во позитивна или во негативна смисла.

Една од најпознатите аверзии во историјата на храната е онаа на Ајнштајн кон цвеклото. Тој не бил осамен - Мишел и Барак Обама исто така не дозволувале тоа да се најде на менито. Всушност, книгата покажува дека е тешко да се биде осамен во фобијата, колку и таа да изгледа откачено: 

Хичкок, на пример, не јадел јајца, но исто така и Вупи Голдберг.

Наоми Вотс и Џенифер Анистон не поднесуваат кавијар.

Мусолини не јадел пире од компир затоа што од него го фаќало главоболка.

Принс генерално не јадел многу, но особено мразел печурки, фета и кромид. Кога од некое списание му ѕирнале во фрижидерот таму имало 18 тегли сенф, а тој објаснил дека „не ги собира но вии’ш ги има едно чудо“. Слично на него Томас Пикок, писателот и претставник на Источно-индиската компанија од 19 век, го ценел ресторанот според сенфот - ако не му се допаѓал како изгледа, веднаш го напуштал местото.

Сепак, книгата не е само збир на тривија во врска со храна, туку се потпира на детално познавање на историјата, книжевноста, трачевите во високите кругови, како и на поп-културата. Има дури и неочекувана споредба помеѓу односот кон храната во „Војна на ѕвездите“ наспроти „Ѕвездени патеки“.

Самиот индекс на крајот на книгата е необичен и зборува за широкиот опсег на теми и ликови кои таа ги третира: Анџелина Џоли е до Џејмс Џојс, Џенифер Лопес до лорд Бајрон, Хомер до Џ. Едгар Хувер. Сепак, таа содржи и личен, автобиографски елемент - авторот ни кажува за сопствените фобии, кои богами се бројни: од нане, маргарин, бубрези, овошни чаеви, до свински пити, прекумерно варена паста, обезмастено кисело млеко, бело чоколадо, чаден лосос...Ако постои автор кој добро си ја познава темата, тоа е изгледа овој.

Поврзано: Културната историја на јадење коњско месо

30 мај 2017 - 08:31