Како што рекол Никој

Цитирањето „славни изреки" како гребење за мудрост

За проблемот на погрешно припишаното авторство на некои познати изреки сме пишувале и порано. Но не знаевме дека за оваа појава веќе има и акроним - WAS (Wrongly Attributed Statement) или по нашки ППИ (Погрешно припишана изјава).

Во текст за Chronicle Review, Кори Робин (Corey Robin), американски политички теоретичар, писател и професор по политички науки, го анализира токму овој феномен. Не дека тој не беше познат и претходно, но доби на интензитет со подемот на интернет, кој го отежнува пронаоѓањето на изворот на одредена информација, во овој случај на авторот на одреден цитат. Тој, селејќи се од еден фејсбук профил на друг, или од еден твитер акаунт на друг, се „фолклоризира", станува општо место, и никој реално не проверува дали, од кого и каде точно нешто е изјавено.

Робин прв пат се сретнал со проблемот на цитирањето на популарни изреки во 2000, кога пишувал статија за списанието Lingua Franca и се обидувал да го најде изворот на познатата на Черчил: „Оној кој не е социјалист кога има 20 нема срце; оној кој не е конзервативен кога ќе наполни 30, нема мозок". Но секој цитат кој го наоѓал (на интернет) водел кон друг. А го цитирал Б. Б го цитирал В, кој пак го цитирал Г, кој пак го цитирал А. Книгите со цитати воделе кон други книги со цитати. Луѓето од академските кругови кои биле запрашани, или не знаеле, или велеле дека некој друг го кажал горенаведеното (на пример Жорж Клеменсо, политичар кој ја водел Франција во текот на Првата светска војна). И сега?

Со проблемот за кој зборува Робин се имаат соочено многумина кои не сакаат да тресат цитати од ракав (дури и на „несериозните" социјални мрежи) или кои се едноставно љубопитни да ја дознаат вистината. Цел живот слушаш некоја изрека, и кога ќе ти затреба за во текст наидуваш на бројни верзии, и ниту еден релевантен извор. Понекогаш потрагата завршува со тоа што изјавата е на некој друг, а не на оној за кого сме верувале дека е нејзин вистински сопственик. Понекогаш излегува дека всушност таа изјава и нема стопан, односно дека е повеќе дел од некаква фолклорна ризница (како виц, или поговорка) отколку што може да се користи како цитат со познат автор.

Робин се обидува да направи некаква ситематизација на ППИ. Првиот вид (ППИ1) е адаптација или мешавина на изјава или изјави од еден или од неколку луѓе, кои можат но и не мораат да бидат славни. ПП2 е изјава која гласи точно како што е пренесена, неа ја кажал некој не толку славен, но му се припишува на некој друг, пославен. ППИ3 никогаш не била кажана од никого, посебно не од некого кого го познаваме. ППИ3 не треба да се меша со анонимни изреки/поговорки кои често ги има во книгите со цитати. Таа всушност има „метафизички несигурен статус" - виси некаде во воздухот, никому не му се припишува, но не се ни потпишува со „Анонимен".

Еве еден пример: речиси и да не поминува ден а на Твитер да не осамне изреката „Единственото нешто што е неопходно за триумф на злото е добрите луѓе да не прават ништо", и обично му се припишува на Едмунд Бурк (ирски државник и писател од 18. век). Сепак, ако сте добар познавач на Бурк ќе знаете дека тој во неговите „Мисли за причините на сегашните незадоволства" рекол: „Кога лошите луѓе ќе се сојузат, добрите мораат да се здружат: инаку тие ќе паднат, еден по еден". Како идеја звучи прилично блиска, но една друга на Џон Стујарт Мил е уште поблиска до цитираното. Имено, Мил во неговото обраќање на Универзитетот Св. Ендрју изјавил: „На лошите луѓе не им треба ништо повеќе за да ги остварат нивните цели од тоа добрите луѓе само да гледаат и ништо да не прават". Обајцата не ја дале горната изјава од збор до збор, и како што изгледа таа е само некаква парафраза на двата блиски става, а можеби и на некој трет, сличен на нив.

Или ова: „Само мртвите го дочекуваат крајот на војната". Така рекол Платон, барем според генерал МекАртур, Империјалниот воен музеј и Ридли Скот во Black Hawk Down. По малку истражување сфаќате дека тоа Платон никогаш не го рекол, туку го кажал Сантајана.

Авторот на текстот наведува бројни други примери кои прават да се почувствувате дека постои некаква црна јама на културната индустрија која е многу лесно да ве проголта. Истовремено, борбата околу припишувањето на цитатите излегува дека е работа на малубројни интелектуални пицајзли, кои сакаат да се прикажат како експерти, и ги сожалуваат оние кои никогаш не се посомневале во некој извор, туку некритички го пренесуваат, само за да се „огребат" од мудроста на некој друг, кој и да е тој. Сепак, и едните и другите според Робин покажуваат колку сме зависни од авторитетот на луѓето за кои знаеме, или барем се надеваме, дека знаат нешто подобро од нас. На крајот на краиштата, и не е важно кој што рекол. Има и некоја убавина во парафразирањето, комбинирањето, додавањето и одземањето смисла на идеите. Па макар тие и не произлегувале од славен автор.

Бонус: 50 најчести погрешно припишани цитати

18 септември 2013 - 20:29