Едно поинакво селфи

Човекот што фотографираше мисли и соништа

Луј Дарже, командант во француската војска, бил уверен дека со поставување фотографска плоча над челото може да регистрира што се случува во човечкиот ум. Неговиот обид за научно издржана „мисловна фотографија“ не успеале, но сепак извршиле влијание врз современите напори во оваа смисла.

„Фотографија на сон - Орел“

Вака гласи насловот на фотографијата (горе) која Дарже ја направил поставувајќи студена фотографска плоча над челото на својата заспана жена. Во писмо до Француската академија на науки од 1904, тој тврдел дека неговиот метод може да помогне во буквална визуелизација на внатрешниот живот, и на јаве, и на сон. Такви фотографии си правел и на самиот себе.

Историскиот контекст во кој тој доаѓа до ова свое „откритие“ е полн со изуми кои овозможиле за прв пат да се ѕирне во дотогаш недостапни феномени. Рентгенските зраци биле опишани само една деценија претходно. И куп други „невидливости“ станале видливи, како радиоактивноста на полониумот и радиумот. Оттаму е и некако логично што Дарже помислил дека и човекот може да „зрачи“, да емитува мисли кои можат да се регистрираат со помош на фото-камера.

„Кога човечката душа ќе произведе мисла“, напишал Дарже во 1911, „таа праќа вибрации низ мозокот, фосфорот кој тој го содржи почнува да зрачи, и тие зраци се проектираат кон надворешноста“.

(Фотографија направена врз нечие чело, која според Дарже содржи симболи на планета и сателит)

За да ги регистрира овие сигнали, Дарже развил „преносен радиограф“, кој се состоел од обична плоча прикачена на трака која се поставувала околу главата. За разлика од куп други шарлатани кои се обидувале да регистрираат духови со ваков или сличен метод, Дарже тврдел дека тој и неговите современици, меѓу кои и лекарот Хиполит Барадук, се занимаваат со наука.

Целата работа за жал се покажала како ненаучна. Шемите кои се појавувале на фотографиите, како Роршархови дамки кои секој можел да ги толкува како сака, всушност биле резултат на лошо изготвен развивач на фотографиите и на топлината на човечката кожа. За да се докаже второво фотографска плоча е поставена над труп на мртовец. По развивањето на фотографијата на неа немало ништо. Но кога трупот бил затоплен на вообичаената човечка температура и повторно фотографиран, на сликата се појавиле форми и дамки.

Сепак, сето ова влијаело врз идните научници, тие да изнајдат порелевантни начини за регистрирање на невидливото во човечкото тело и умот. Магнетна резонанца е еден таков пример, иако во моментов е далеку од тоа да овозможува „читање“ на нечиј ум. Сепак современите проучувачи на мозокот имаат иста амбиција како и Дарже - да го разберат објектот на нивното проучување, особено оној туѓиот.

21 јануари 2017 - 11:30