Човекот кој напишал некролози за Битлси уште во 1960-тите

Хантер Дејвис (1936) е британски писател и новинар. Автор е на 35 книги, меѓу кои и на единствената авторизирана биографија на Битлси. Сепак, најинтересните моменти во неговата кариера имаат врска со некролози - неговиот сопствен, и оној на Џон, Пол, Џорџ и Ринго, кога тие имале само дваесетина години.

На Дејвис деновиве му се случило нешто необично - негови пријатели, но и сосема непознати луѓе, со чудење го гледале како се движи низ градот, коментирајќи: „Па добро изгледаш, со оглед на..". Тој не сфаќал за што станува збор сè додека некој не му отворил негова биографија на интернет, кадешто пишувало дека тој починал уште во 1980.

Човекот не можел да знае за оваа грешка бидејќи ретко користи интернет, не твита, не пишува блог и нема Фејсбук профил, па дури и мобилниот го користи ретко. Оваа информација дека „умрел" кога имал 44 години на некој чуден начин го развеселила, бидејќи почнал да мисли на оние работи кои ги доживеал во меѓувреме, меѓу кои четири внуци и голем број напишани книги, колумни и новински текстови.

Еден од нив му бил нарачан од страна на Тајм кога во 1967 ненадејно умрел Брајан Епштајн, менаџерот на Битлси. Откако го напишал неговиот некролог, следела уште една нарачка: да ги напише и оние на сите четворица Битлси. Иако најпрви одбил, бидејќи му било бизарно да пишува некролози за млади луѓе, весникот бил упорен: „Ни требаат за секој случај, доколку на некој од нив му се случи нешто страшно". Така, тој напишал по 1,000 зборови за секого, и во една прилика и им го кажал тоа. Сите молчеле и со неверување вртеле со главата, а само еден од нив - Џон - се заинтересирал да го прочита, и го добил.

И денес, вели Дејвис, некролозите се „евтин начин на пополнување на страниците", и во секоја поголема редакција во светот има однапред подготвени текстови во случај на смрт на познати личности. На Википедија дури има цела статија посветена на „предвремени некролози", од кои најсвеж пример е оној за Кирк Даглас, објавен со забелешката „не објавувај". Мотивиран од искуството со предвременото објавување на неговата сопствена смрт, како и со фактот дека и самиот учествувал во пишување на исти такви некролози за други луѓе, тој замолил негови колеги да напишат eден - за него. Еве како го опишала одговорната за некролози во Тајм:

„Дејвис никогаш не се снебиваше да ги 'измолзе' неговите или несреќите на неговото семејство и да ги претвори во текстови од 1,000 зборови за кој и да е кој е подготвен да ги објави. Ниту еден инцидент не беше претривијален, ниту еден гест предрзок (како кинењето само на страниците со неговите текстови во кафани, наместо да го купи целиот весник). Во подоцнежните години, како и со неговата збирка на предмети поврзани со Битлси, фудбалски флаери и марки, тој направи цели книги од неговите хобија. Така, не беше за изненадување тоа што додека брзата помош го носеше до болница со инфаркт, тој се уште нешто запишуваше, користејќи го нотесот на болничарите".

„И покрај тоа што вестите за мојата смрт беа претерани, барем се забавував читајќи си го некрологот", заклучува тој, со чувство какво што (можеби) го имал и Ленон читајќи го својот.

27 февруари 2015 - 16:33