Букбокс читанка

„СМРТНОСТ“ од Кристофер Хиченс

„Кога човек знае дека за двe недели ќе го обесат,
тоа прекрасно му го концентрира умот"
Семјуел Џонсон

Како ретко која друга, обвивката на оваа книга одлично ја илустрира нејзината поента. Направена од за корица необично тенка, мат и по малку груба хартија, таа е истовремено елегантна, но и траурна - како темно одело со бела кошула и сива вратоврска без никакви украси, соодветно за на погреб. Уште кога го отворивме пакетот беше малку згужвана; по само две-три отварања почна да се кине на рабовите, а крајчињата да се абат. Дека сепак тука има и намера на дизајнерот стана јасно кога ја прочитав забелешката за типот на слог кој тој го користел – Requiem Text, базиран на ракописи од 16. век. Комбинирано со содржината, ова дава силна симболика на толку извесен, а сепак достоинствен распад, на „живеење умирајќи", кое е впрочем сечија судбина, само често без свест за неа. Да, сите знаеме дека ќе умреме, некогаш. Во меѓувреме се обидуваме да не мислиме, и да не зборуваме или пишуваме за тоа.

Кристофер Хиченс кога ги пишувал овие текстови знаел дека ќе умре, многу скоро. Во меѓувреме се обидувал колку што е можно повеќе да размислува за тоа, и за истото колку што е можно побрзо да пишува и да говори. Затечен, но не и во паника, тој не губел време за да го постави крајно човечкото, но истовремено и наивно прашање – „зошто баш јас?". Затоа што однапред знаел дека одговорот е – „а зошто па да не?".

Предсмртниот Хиченс, со рак на егзофагусот и метастази по телото, во ништо не се разликува од оној здравиот од „Хич 22", неговиот мемоар за кој веќе пишував, и од оној од бројните други колумни, есеи и книги (eдна од нив, „господ не е голем" се промовира денес, петок 9.11, во 11 часот во Холидеј ин, во издание на ИОО). Дрзок и бестрашен, со „турбина наместо ум", тој навистина, како што вели вообичаената метафора, се бори со болеста, извојувајќи мали победи со секој изминат ден, откако и покрај чувството на „цемент кој споро се суши" во градите, боцкањата, зрачењата, тешките лекарства и – последно но не и полесно – постојаните тешења од сите страни, успева да срочи неколку страници текст кои сведочат за состојбата на неговите тело и дух. Во текот на осумнаесетте месеци од моментот на дијагностицирањето (јуни 2010), па до смртта во декември 2011, тој ги објавува овие есеи во Венити Фер, а истите, дополнети со предговор на уредникот на весникот и поговор на неговата сопруга Керол Блу, пред два месеца излегоа во форма на оваа книга.

Меѓу нив има најмалку еден кој сигурно не бил објавен претходно, затоа што е напишан непосредно пред смртта, и е повеќе во форма на некакви неструктурирани, фрагментирани белешки, што за Хиченс, кој знаел за помалку од половина час, во еден здив и без никакви поправки, да напише речиси совршен текст од 1,000 збора, значи дека почнал и метафорично и реално да го губи здивот. Токму оваа, последна колумна е и најтрогателна, затоа што го отсликува крајниот напор мислите да се сосредоточат, раката да продолжи да пишува, и гласот да не згасне. „Пишувај како што зборуваш" и „Најди го твојот внатрешен глас" се два добри совета кој тој ги дава во книгата, поврзувајќи ги со губењето на неговата способност за говор, буквалното губење на неговиот глас.

„Кој друг смета дека Хиченс добил терминален рак на грлото како Божја одмазда што го користел гласот за да богохули?", бил еден од многуте коментари од верници, кои дури и кога му ги посветувале нивните молитви тоа не било за негово оздравување, туку пред сè за негово покајување и спас. За разлика од нив, Хиченс е многу повеќе загрижен не за она што ќе му се случи по смртта, туку за она што му се случува во она што му останува од животот. „Во војната против Танатос, ако мораме да го наречеме ова војна, непосредното губење на Ерос е огромна почетна жртва. И Пенелоп Круз да беше една од моите болничарки, немаше ни да забележам", вели тој, со жалење констатирајќи го бавното гаснење на „животниот елан", што за хедонистите како него и без ракот значи мала смрт.

Макробиотски и вегански диети, инјектирање големи количества тестостерон (веројатно за подобрување на расположението), замрзнување додека не се најде лек – целото тело или барем мозокот – и одбегнување совети од домородно американско население (кажано токму од припадничка на племето Чејени), се само некои од бројните совети кои тој ги добил од добронамерни пријатели и фанови. Некои од нив му праќале подароци, често ЦД-иња, најчесто (иако не е баш јасно зошто) со музика на Леонард Коен. Хиченс цитира стихови од неговата „Ако е Tвоја волја" (Aко е Твоја волја/Веќе да не зборувам/И мојот глас да замолкне/Како што беше пред тоа), и иако за нив вели дека се „по малку сладникави", сепак советува песната да не се слуша во ниту една друга изведба. Затоа што таа не може да се замисли без гласот на Леонард Коен. Без тој глас песната е ништо. Без сопствен глас, исто така и човекот. „Јас немам тело", вели два пати Хиченс низ книгата, „јас сум тело". Она кое не е бесмртно, затоа што и бесмртноста доаѓа со цена. Последните зборови на последната колумна на Хиченс се цитат од романот „Ајнштајновите сништа" на Алан Лајтман: 

„Со бесконечниот живот доаѓа бесконечен список на роднини. Бабите и дедовците никогаш не умираат, ниту пак чукундедовците и чукунбабите, чукун-тетките...и така наназад преку генерации и генерации, сите живи и сите нудат некаков совет. Синовите никогаш не успеваат да се измолкат од сенките на нивните татковци. Ниту пак ќерките од нивните мајки. Никој никогаш не си доаѓа на свое...Таква е цената на бесмртноста. Никој не е целосен. Никој не е слободен".

Хиченс сега е.

Илина, Букбокс

9 ноември 2012 - 00:00