Букбокс читанка

„Мажи без жени“ од Харуки Мураками

„Ако пишувањето роман е како да садиш шума, тогаш расказите се повеќе како да копаш градина“, напиша Мураками во воведот на претходна збирка. Ако е така, неговите градини се мали светови, натопени од есенски дожд, со зраци кои пробиваат низ густежот создавајќи меланхолична, но многу спокојна атмосфера. Во позадината на некој транзистор иде Чет Бејкер.

„Мажи без жени“ е збирка од седум раскази која на јапонски излезе во 2014, на српски беше објавена во 2016, а на англиски ќе излезе дури во мај 2017. Сепак, некои од нив веќе се имаат појавено во Њујоркер, каде Мураками редовно објавува текстови пред тие да се појават во форма на книги.

Насловот на збирката асоцира на истоимената на Ернест Хемингвеј од 1927, која се состоеше од четиринаесет раскази, од кои десет исто така претходно објавувани во книжевни списанија. Тогашната критика неа ја дочека со поделени мислења, а некои беа и прилично остри, нарекувајќи ги расказите „сироти мали катастрофи кои вклучуваат многу вулгарни луѓе“. Ним Хемингвеј им одговорил со песна објавена во The Little Review, која оди отприлика вака: „Пејте песна о вие џебови полни лаги, четири и дваесет критичари, дај боже сите да умрете“.

На Мураками засега не само што му се немаат случено вакви критики, туку напротив, тој е редовно спомнуван секоја година кога се лицитира кој ќе ја добие Нобеловата. Иако доколку тоа се случи признанието би се однесувало пред сè на неговите романи, расказите, освен по пократката форма која ја подразбираат, не се воопшто „второто најдобро“ од него. Само врвни раскажувачи успеваат на неколку страници да изградат свет во кој и надреалното и сосема обичното, одделно или во соживот, имаат толку смисла, што посакувате Мураками, како ваша лична Шехерезада (инаку еден од ликовите во книгата) да ви раскажува и секоја следна ноќ, до зори.

А приказните се за мажи кои останале сами, по своја или по ничија вина, по избор или заради судбина. Некои од нив не можат да се одлучат помеѓу повеќе жени, за на крај да останат без ниту една. Други се држат за објектот на својата страст како за последна сламка, се додека не ги однесе надојдената река на чувствата со која не можат да се справат. Трети - како заљубениот Самса, кој наместо како инсект во расказот на Кафка се буди во тело на маж - низ медиумот на телесната страст учат како е да се биде човек. Наспроти навиката љубовно измачени во книжевноста да се главно жени, ова е меѓу ретките концептуални дела посветени на емотивните страданија на (сиротите) мажи.

Сепак, најтрогателен од сите е расказ под наслов „Самостоен орган“. Естетскиот хирург Токаи, богат и моќен маж кој секогаш имал коректни односи со бројни жени но никогаш не си дозволил емотивно да се слизне, неочекувано и фатално се заљубува. Не можејќи да се помири со тоа дека на стари години губи контрола над своите чувства, тој со доза на мазохизам решава да си го казни телото. Престанува да јаде и полека почнува да се суши, како стебло без сонце и вода.

„Кога нејзиното срце се поместува, тоа по себе го повлекува и моето. Како два чамци врзани со јаже. Дури и да сакам да ја пресечам таа врска, сечилото со кое тоа би требало да се стори не постои“, вели тој во еден момент, потсетувајќи нè на стиховите на Коен - „Твојата фина пајажина ми ја врзува ногата за камен“.

Непосредната причина за смртта на Токаи е срцева инсуфициенција. Но вистинската е неговото заљубено срце.

Илина, Букбокс

4 февруари 2017 - 11:57