Букбокс читанка

„Машкуданка" од Лиз Принс

Во дигиталниот речник на македонскиот јазик под „машкуданка" стои - „лице од женски пол со машки црти или со машко однесување". Овој графички роман се однесува токму на овие девојчиња, кои се разликуваат од нивните врснички само по тоа што се чувствуваат поудобно во пантолани наместо во фустан, и играјќи со колички наместо со кукли.

Лиз Принс последен пат облекла фустанче на две години. Веднаш штом станала способна да се буни тоа и го сторила - веќе на четири било јасно дека таа ќе го фати оној родов пат по кој поретко се оди. За среќа нејзините родители спокојно го прифатиле овој факт и никогаш не ја терале да биде она што не е. Но тоа не ја олеснила нејзината сопствена потрага по тоа што навистина е.

Таа потрага исто така почнала од речниците, според чии дефиниции tomboy може да биде кое и да е девојче кое има атлетска градба, носи кратка коса и повеќе сака џинс од плисирани сукњи. Но овие надворешни белези само површно ја опишувале Лиз, за која да се биде „машуданка" претставувал цел светоглед - од тоа кои биле нејзините херои (Гоустбастерс, Лук Скајвокер, Индијана Џонс, Хак Фин), каква музика слушала (Грин деј), кои животни ѝ биле миленичиња (гуштер), па до тоа со кого се дружела.

Ова последново додуша не било секогаш нејзин избор, бидејќи нејзината различност често била извор на реакции - од благи задевања, па до отворени навреди, бојкот и озборувања. Taa често морала да нагласува дека не е лезбејка, и дека и покрај тоа што не се чувствува како типично женско, нема дилеми околу сопствената хетеросексуалност. Доблеста на книгата е што и покрај тоа што јасно ги прикажува ваквите, често трауматични моменти од животот на една машкуданка, сепак содржи и епизоди на разбирање, љубов и пријателство, кои полека но сигурно ја градат и самодовербата на Лиз и нејзиниот родов идентитет - од збунет, преку гневен, до спокоен во врска со сопствената различност.

Таа денес има 35 години, живее со двете мачки Волфман и Дракула во близина на Бостон, и црта едноставни и крајно луцидни стрипови, кои јасно а сепак непретенциозно пренесуваат значајна порака на поддршка и надеж за сите кои родово се чувствуваат „како квадрат напикан во круг".

Книгата има добиено бројни награди, а постои и посебен водич за оние наставници кои ќе одлучат да ја вклучат „Машкуданка" во нивните наставни материјали. Најтопло им ја препорачуваме и на сите родители кои можеби мислат дека на нивното дете „нешто му фали" затоа што тоа не се вклопува во родовата шема. 

Сите заинтересирани пак ги каниме на разговор со авторката, чиј датум и место наскоро ќе ги објавиме. Повеќе за неа на нејзиниот сајт (преку кој можете и да се претплатите на нејзиниот дневен стрип) 

12 март 2016 - 19:58