Букбокс читанка

МАРКСИЗАМ ИЛИ МАРКСИЗМИ? (Кауцки, Грамши, руските анархисти и...Ајнштајн)

„Главните текови на марксизмот" на Лешек Колаковски започнува со реченицата: „Карл Маркс бил германски филозоф". Навидум банална, оваа констатација и не е толку неважна.

„Жил Мишле", продолжува Колаковски, „ги почнуваше неговите предавања за британската историја со следниве зборови - 'Господа, Британија е остров!'. Голема е разликата помеѓу тоа дали ние едноставно знаеме дека Британија е остров, или ја интерпретираме нејзината историја во светлината на овој факт."

Она што сака да го каже Колаковски е дека и марксизмот треба историски да се анализира во одреден контекст, дека филозофската теорија на човекот со дедомразовска брада по име Карл Маркс не мора да е (и најчесто не е) идентична со нејзините интерпретации од неговите следбеници, кои не само што живееле на друго место и не биле германски филозофи, туку живееле и во поинаков општествен контекст, во кој како политичари, револуционери и 'дејци' се залагале за примена на марксистичката теорија во пракса.

Токму таа, праксата, и ја направила најголемата збунка во третирањето на ликот и делото на Маркс. Само како илустрација - кога Маркс зборува за „диктатура на пролетеријатот" тој мисли на социјалистичкото општество, замислениот премин помеѓу капиталистичкото, класно општество и она бескласното, кога цела класа, а не поединци ја поседуваат политичката власт потребна за спроведување на таквата (револуционерна) промена. Или, како што тоа го објаснува Роза Луксембург, Маркс мисли на одреден метод на примена на демократија, а не на нејзина целосна елиминација. Хммм..не ќе да е она на што нè учат историските читанки кога зборуваат за -измите произлезени од марксизмот.

Оваа разновидност на теории и толкувања кои очигледно не можат да се третираат под „марксизам" во еднина, е претставена на Марксистичката интернет архива на македонски јазик, на која наидовме случајно, пребарувајќи веќе преведени дела од марсистички, левичарски и анархистички автори. Систематски подредена, релативно богата, често освежувана, МИА е добра основа за запознавање со овие идеи. Иако е наречена „марксистичка", во неа сепак се прави разлика помеѓу претставници на социјал-демократијата, комунизмот, левиот социјализам, марксистичкиот хуманизам и анархизмот. Погледнете ги текстовите во неа, кои ги отсликуваат разновидните, често меѓусебно контрадикторни аспекти на марксистичката идеја.

За илустрација: додека Кауцки смета дека воведувањето на социјализмот е можен во услови на демократија, руските анархисти велат дека демократијата е само уште еден вид буржоаско владеење, кое може да се совлада само по револуционерен пат, истовремено критикувајќи ги стереотипните сфаќања за анархизмот како еквивалент на безредието и хаосот. Нам филозофски драгиот Грамши зборува за апстрактни поими кои навидум немаат никаква врска со марксизмот - искреноста и дисциплината, кои тој ги третира како највисоки форми на општественост. На крај, веројатно на изненадување на многумина, текстот Зошто социјализам? на Алберт Ајнштајн. Да, тој Ајнштајн, со бушавата коса и формулите.

И да ве дразни кога ви се обраќаат со 'господине', и да го мразите Доналд Трамп, а на Интернационалата да ви доаѓаат солзи, тоа се уште не е доказ дека во душа не сте расипан буржуј. Барем овие празнични денови минете ги работно - поситно исецкајте ја краставицата и...ај ако може малку побрзо со тоа кременадлите!

1 мај 2010 - 00:00