Букбокс читанка

„Квазијалистика: збирка непретенциозни есеи“ од Сеад Џигал

Начинот на кој дојдов до оваа книга во голема мерка е мета-приказна за нејзината содржина. Обидувајќи се без успех да влезам во трагата на „Тажните тропи" од Клод Леви-Строс, за која како низ тропска магла се сеќавам дека некогаш ја бев била имала (употребено граматичко време - претерит), истата ја најдов електронски и во нејзиното српско издание.

По кој знае кој пат правејќи усилби да почнам да читам на подарок-е-читачот, по некое време сфатив дека таа е всушност книжевна варијанта на тизер, и содржи точно петина од потребните страници. Изнервирана, почнав да ја барам по книжарниците, и во една од нив конечно ја најдов.

- Добарден-добарден - „Тажни тропи" нешто? - Имаме, - Супер, колку? - 750 денари.

Додека чекав да ми ја ископаат од полиците со кредитната картичка в рака, една друга ми фати око. Немав појма дека мојот пријател Сеад (во интервјуата кои претендираат за Пулицер би рекле „кого нема потреба посебно да го претставуваме") во 2002 објавил книга со есеи. Прво отварање, реченица: „некаде во педесеттите на овој век (очигледно пишувано во минатиот), на европската научна сцена се појави - Клод Леви-Строс"! Оваа коинциденција, како и компетитивната цена од 105 денари, си го направија своето.

Сеад Џигал е еден од најлуцидните, најшармантните и истовремено најненатрапливите локални ликови, чии коментари, твитови, настапи и написи (под неговото сопствено име, но и под нинџа псевдоними) се „радо виџен гост" на медиумскиот простор. Не знам зошто имал потреба овие есеи да ги нарече „непретенциозни", небаре претензијата, амбицијата, намерата да се проговори за важни нешта, па макар и низ дискурс кој не е секогаш баш-баш лежерен и лајт, би било лоша работа, нешто за што би требало некому да се извинуваме. Не го прашав дали тие се можеби дел од некои негови колумни или академски текстови, но ваквото прашање беше ризично, затоа што а) ќе беше хинт дека планирам да пишувам за книгата, б) можеше да предизвика реакција од типот „абе старо е тоа, кај го најде", „ееее, не е актуелно", и слични „лејм" оправдувања, карактеристични само за скромните и самокритични автори, кои кај претенциозниот потписник на овие редови секако немаше да минат.

Збирката покрива палета теми, од ликот и делото на балканецот, меѓу-родовите премрежја, „коперфилдовскиот" феномен на телевизорот, до културолошките паралели помеѓу бас-ритамот на турбофолкот и информативниот „бас" на современоста, триумфите на рекламното и хипнотизирачкиот ефект на пропагандата. И тоа што е издадена „далечната" 2002 не само што не ѝ одзема од силата, туку ја прави чудно релевантна. Затоа што - ништо не се сменило.

Ај да видиме:

- „Балканот како тесна географско-културолошка единица не постои - постои само на рамниште на кое за нас постои географско-културната единица Тунгузија...Балканецот, како таков, постои во иста мера во која постои Тарзан".

- „Таму каде што завршува рекламата почнува пропагандата. Таа се надоврзува на рекламното, ги користи неговите придобивки и рутини. Рекламното во таков контекст наликува на лесен тренинг на пропагандното. Еднаш кога соодветните центри на моќ се здобијат со влијание и компетенција да наложуваат какви продукти да купуваме, тогаш е само прашање на време и нивна потреба таквото упатување и насочување да биде искористено за повикување на омраза, изолирање, групирање, убивање."

- „Звукот и 'стилистиката' на турбо-фолк музиката е еден од крајпатните знаци на природата на промените низ коишто минува нашата перцепција. Како што нашиот слух е бомбардиран од бас-ритамот неприродно комбиниран со мелос-подлогата, на сличен или идентичен начин нашата свест ја бомбардира и информативниот „бас" на современоста...Секој кадар претставува силен информативен бран за нашата свест. Замислете си ситуација кога човек би бил толку пати подложен на поднослив удар на електрична струја, што повеќе и не би го чувствувал тоа. На речиси идентичен начин се подложуваме себеси на информативните и сетилни шокови."

Не дека десет години се доволни да се променат спомнатите културолошки кодови - Тарзан да стане г-дин, пропагандата да се откаже од манипулативниот потенцијал на рекламната машинерија, или информативните камшици да почнат да галат. Сè ми се чини дека по дваесет години некој читател-намерник кој во римејк на сцената во локалната книжарница ќе ја бара „Тажните тропи", како низ тропска магла чувствувајќи дека таа му е нешто позната, ќе налета на „Квазијалистика" на Сеад, и со воздишка ќе промрмори – „ех, тоа беа добри времиња".

На едно место во книгата авторот прави деконструкција на граматичкиот претерит (минато време), дисецирајќи го на три поткатегории: СЛУЧЕНОСТ (збир од сите настани складирани во привремените сеќавања на одредена заедница), МИНАТО (збир настани релевантни за припадниците на една заедница во линеарна временска отсечка) и ИСТОРИЈА (збир од спектакли, исклучивости, херојство, подвизи, трансгресии, кои се функционални во една наративна временска отсечка). Ако има некој НЗС за сите есеи тоа е овој – обидот да се рационализира, макар и само за себе, како сите овие временски слоеви се прекршуваат низ СЕГАШНОСТА, оној момент кој го живееме правејќи планови за тоа како да го промениме минатото.

Сепак, највпечатлив за мене е последниот, „Краток есеј за смислата". Зборувајќи со мудриот и спокоен глас на еден Сенсеи-ву тој, нели онака непретенциозно како што и најавува во насловот, сака да одговори на прашањето – „Што е смислата на живеењето?". И да не ви се верува, на само шест странички мал формат, успева во тоа. Еве го неговиот одговор:

Што е човекот?
Што е љубовта?
Што е животот?

Човекот е човек.
Љубовта е љубов.
Животот е живот.

Освртите за некои книги можат да завршат само на еден начин. Со -

Тоа е.

22 ноември 2013 - 00:00