Винстон за премиер

Черчил до соработниците: Не се фолирајте со напумпани изрази

Можеби затоа што како Британец многу добро ги знаел финесите на криењето на вистинската порака зад куп софистицирани изрази, Черчил кога стапил на функцијата премиер во 1940 им испратил порака (нешто како октроисан реторички устав) на своите соработници.

Еве ја содржината на мемо-то, кое самото е лекција за тоа како се пишува упатство - кратко, јасно и без оставање простор за двосмисленост. Не за џабе човекот ја доби Нобеловата за книжевност во 1953. Еве што им порачува тој на своите колеги, но и на политичарите од сите земји и времиња. Генерално, и на чист британски, пораката е - cut the bullshit.

За да си ја завршиме работата, ќе мора да прочитаме куп текстови. Речиси сите се предолги. Ова значи губење време, и трошење енергија на потрага по суштинските поенти.

Барам од моите колеги и од нивните соработници Извештаите да бидат пократки.

1. Целта е извештајот да ги изложува главните поенти во серија кратки и јасни пасуси

2. Ако извештајот се базира на детална анализа на комплицирани фактори, или на статистика, ова треба да биде во прилог, а не во самиот текст

3. Понекогаш најдобро е да не се пишува цел извештај, туку да се направи само список на најзначајни теми, кои ако треба ќе бидат образложени усно

4. Ајде да прекинеме со реченици како „Исто така е важно да се имаат предвид следниве значајни информации...“ или „Треба да се обрне внимание на можноста за спроведување...“. Повеќето од овие фрази се дрн-дрн, кои можат или целосно да се одбегнат или да се заменат со само еден збор. Да не се плашиме да користиме кратки но експресивни изрази, дури и ако тие можат да звучат „разговорно“.

Вака ќе заштедиме многу време, а дисциплината на преставувањето на реалните поенти ќе помогне во појасното размислување.

7 декември 2016 - 11:22