Чија е таа песна?

Босанската севдалинка што ја има напишано Германец од 19 век

На концертот на Дамир Имамовиќ во Скопје оддржан вчера (25.05), тој како автор на стиховите на една од песните го наведе, ни помалку ни повеќе, туку славниот германски поет Хајнрих Хајне! Потоа почна да ја свири „Азра“ (Крај танана шадрвана), на изненадување на мнозинството во салата, на кое ни на крај памет до сега не му било дека таа не е „асли“ босанска. Која е приказната за оваа песна?

„Ја се зовем Ел-Мухамед
из племена старих Азра
Што за љубав живот губе
и умиру када љубе“

Вака завршува познатата песна за невозвратената и невозможна љубов на робот, Ел-Мухамед и „султановата ќерка мила“. Племето коешто се спомнува според легендите постоело во Јемен, а неговите машки членови, доколку им било оневозможено да се оженат со девојката што ја сакале, порадо заминувале да умрат во пустина или во војна, отколку да живеат без љубов.

Ова е само една од многуте приказни врзани за Ориентот како за митско место во имагинацијата на западните интелектуалци од 19 век, меѓу кои и на Хајне (1797-1856). Песната Der Asra тој веројатно ја напишал некаде во 1845, додека живеел во Париз (англискиот текст тука), инспириран од арапската љубовна приказна за Лејла и Маџнун од 7век. Во неа двајца се сакаат од деца, но таткото на крај не ја дава раката на Лејла на младиот Каис, кого од тогаш почнуваат да го викаат Маџнун или „лудиот“.

Хајнеовата верзија помеѓу јужно-балканските народи пристигнала преку неколку преводи, од кој како прв најчесто се наведува оној на Алекса Шантиќ од 1923, кој неа ја вклучил во својата збирка „Од Хајнеовата лирика“. Освен неговиот постојат и преводи на Владимир Назор, Добриша Цесариќ и Сафвет-бег Башагиќ. Основната мелодија пак ја компонирал Антон Рубинштајн, пијанист и композитор, основач на Конзерваториумот во Ст. Петербург.

Како што обично бива со ваквите песни, кои откако еднаш ќе станат фолклор добиваат различни облици и форми, и оваа станала „наша“ секаде каде што се изведувала низ Балканот. Најпознати нејзини интерпретатори се Химзо Половина, таткото на Дамир - Заим Имамовиќ, Ибрица Јусиќ и Џони Штулиќ, кој ја има вклучено во албумот „Балканска рапсодија“.

Еве неколку верзии кои се уште еден доказ за релативноста на термините „традиционално“, „изворно“, „автентично“, за кои толку слепо се држат оние кои не разбираат дека фолклорот е (и) место за средба на култури, како крај шадрванот во песната на Хајне. 

Во изведба на холандскиот баритон Антон ван Рој, на винил снимен во Њујорк 1908

Химзо Половина

Звонко Богдан

Дамир Имамовиќ

26 мај 2017 - 10:12