Воочи прогласувањето на добитникот за 2015

Бомбастичен мемоар во врска со Нобеловата за мир

Овој петок ќе биде објавен годинешниот добитник на Нобеловата награда за мир. Меѓу другите имиња се споменуваат оние на Ангела Меркел, папата Франциско и рускиот весник Новаја Газета. Но неодамна излезе книга која фрла сенка врз релевантноста на наградата, којa додуша и до сега на повеќе пати беше доведувана во прашање. Валкани детали за неа открива поранешниот секретар на Нобеловиот комитет.

Гир Лундестад 25 години бил службеник во Нобеловиот комитет, задолжен за бирократијата токму околу наградата за мир. Неговата нова книга „Мировниот секретар" го прекршува кодексот на молчење на организацијата, но тој смета дека неговата должност како професор по историја сепак има предност.

Најголемите критики во мемоарот се однесуваат на членот на комитетот Торбјорн Јагланд, поранешен норвешки премиер, кој наводно им откривал информации за добитниците на новинари и го терал Лундестад да му пишува говори. Освен тоа бил „неорганизиран човек", со „изненадувачки дупки во знаењето". Веднаш откако е објавена книгата, на Лундестад му било кажано дека до крајот на годината треба да си ги собере парталите од Нобеловиот институт во Осло, а Јагланд плус го тужи за клевета, истовремено потсетувајќи дека тој не е „шести член на комитетот" туку обичен писар.

Од своја страна Лундестад не само што не ги повлекува обвинувањата туку вели дека е погрешен целиот систем на формирање на комитетот:

„Мојата загриженост е дека тој не е доволно независен - и понатаму ќе биде тешко доколку имаме премиери и министри за надворешни работи како членови".

И сево ова можеби и ќе се сфатеше како лична пресметка, доколку во март 2015 Јагланд не беше сменет од раководната позиција во Комитетот со кој претседаваше цели 6 години, преседан кој се случи прв пат во нејзината долга историја. Иако не беше обелоденета никаква официјална причина, дипломатот беше критикуван особено откако во 2009 му ја додели на тогаш тазе избраниот Обама, кој тогаш беше на позицијата само девет месеци. Тогаш позицијата на Јагланд беше дека организацијата сакала да го награди американскиот претседател заради „визијата за свет ослободен од нуклеарно вооружување". Проценката дека САД ќе потроши 1 трилион долари во следните три децении токму за надоградба на сопствениот нуклеарен арсенал изгледа некако му избегала.

Според статутот на Нобеловиот комитет, петте членови мора да се Норвежани, и да го отсликуваат аритметичкиот однос на силите во норвешкиот Парламент, кој и го одобрува составот.

7 октомври 2015 - 08:32