Бил Мареј снима нов албум - рецитал со читање и класична музика

Актерот познат по неконвенционални јавни настапи и откачени проекти има нов - ќе пее и ќе чита на албум на кој ќе се најдат дела на Гершвин и на Бах.

„Нови светови“ е замислен како рецитал, мешавина на книжевност и музика, изведувана од камерното трио на виолончелистот Јан Воглер. Мареј ќе чита извадоци од дела на Марк Твен, Волт Витман и Ернест Хемингвеј, а од музиката се застапени Шуберт, Бах, Гершвин и Пијацола.

Според Њујорк Тајмс пробите веќе се одвиваат во студио на Менхетен. Проектот неформално бил начнат во 2013, кога Мареј и Воглер случајно седеле еден до друг на лет од Берлин до Њујорк. Тогаш започнало нивното пријателство и повремените соработки, кои сега кулминираат со „Нови светови“.

Премиерата на рециталот во живо се очекува на Фестивалот во долината Напа во Калифорнија на 20 јули, по што ќе следи северно-американска турнеја, чија цел е „да истражува теми поврзани со американската историја и идентитет“. Албумот пак ќе излезе во август.

Eве како тоа отприлика изгледа и звучи:

24 април 2017 - 14:24