Бесплатни книги за Британците кои се во притвор

Ако веќе мораш да поминеш некое време во притвор, па уште и ако ти го земат мобилниот, сигурно е некоја утеха ако ти дадат барем да читаш. И замислете, на ваква благородна идеја дошол еден - полицаец!

Името на началникот кој ја поттикнал акцијата е Стив Витмор, кој откако уапсил некој 18-годишник заради поседување дрога се соочил со необично прашање од осомничениот - „Имате нешто за читање?“

Откако сфатил дека во станицата нема ништо што може да помине како книга, полицаецот му ја понудил сопствената, „Ловец во р’жта“, дозволувајќи му да ја задржи.

„Изразот на неговото лице сосема се смени, неговиот непријателски став целосно исчезна и книгата создаде заедничка основа за муабет. Ми рече дека никогаш не добил книга на подарок, и тоа ме потресе“, изјавил полицаецот.

Мотивиран од оваа случка, тој во соработка со добротворна организација под име „Дај книга“ обезбедил книги за сите 43 полициски станици во Лондон каде се приведуваат осомничените. Меѓу нив ги има „Да се убие подбивната птица“, „Животинска фарма“ на Орвел, но и графички новели и дела на помлади британски автори, како и книги на странски јазици (главно арапски).

Просечната возраст на уапсените деца е 15-17 години, но има и такви со по 10. Додека да бидат известени нивните родители или додека им се додели старател понекогаш поминува и цела ноќ во која тие нема со што да се занимаваат. Сега барем можат да читат.

Повеќе за акцијата тука

26 август 2016 - 15:44