Кога уметноста го имитира не-животот

Банкси го украде Скопје 2014

На локација на напуштен базен во Вестон-Супер-Маре во Британија, се отвори она што го најавивме тука - Дисмаленд, апокалиптичен тематски парк, чии карактеристики на моменти ќе ви се видат необично познати. Банкси или на суд, или за почесен граѓанин на Скопје, трето нема.

Изгледа како нешто излезено од царството на Вили Вонка, а се рекламира со помпезното „најразочарувачката нова атракција во Британија". До сега беше маскирана како филмска локација, но всушност се работи за изложба на отворено на 50 уметници од целиот свет во организација на Банкси, при што тој изложува и десет свои дела.

За и со зборови да се долови атмосферата која е доволно очигледна од фотографиите, еве нешто од официјалната брошура:

Дали трагате по алтернатива на бездушната, шеќердисана баналност на просечното излегување со семејството? Или барем за поевтина варијанта? Тогаш ова е местото за вас - хаотичен нов свет каде можете да избегате од безумниот ескапизам. Наместо штанд за бургери, ние имаме музеј. Наместо продавница за подароци имаме библиотека, всушност...исто така имаме продавница за подароци. Настанот содржи теми за возрасни, потресни слики, прекумерно користење на трепкачко светло, ефекти со чад и пцуење. Следниве предмети се строго забранети: ножеви, спрејови, нелегални дроги и адвокати од корпорацијата на Дизни. Ова е тематски парк чија голема тема е дека „тематските паркови би требало да се занимаваат со поголеми теми".

Во склоп на изложбата има и неочекувани перформанси, и кино на отворено во кое се прикажуваат 24 кратки филмови. Важно: водичите се намуртени и целосно незаинтересирани да помогнат или да дадат каква и да е информација. На влезот ве претресуваат како на аеродром, а наоѓањето на излезот е речиси невозможна мисија. Од поставките засега ни води Грим Рипер кој игра на песната на Би Џиз, Staying Alive.

Поставката ќе трае до 27 септември, а настапи во живо ќе имаат и Пуси рајот и Масив Атак. Повеќе атракции во галеријата. Иако ви е доволна и само оваа фотка:

21 август 2015 - 09:56