Конечно малку лингвистичка лефтерност

Австралиски збор на годината - „демократски колбас“

Не, не е безобразна метафора. Вистински колбас е, а за време на изборите го консумираат сите гласачи, и оние кои се за власта, и оние кои се за опозицијата. Не, пак не е метафора. 

„Пост-вистина“, „фашизам“, „ксенофобија“ и австрискиот збор од 52 букви, Bundespraesidentenstichwahlwiederholungsverschiebung (нешто како исцрпувачки продолжени претседателски избори), сите овие „зборови на годината“ прогласени од различни лингвистички тела и органи, ја отсликуваат опседнатоста со политика изминатата година и мрачното расположение кое (обично) оди рака под рака со истото. Aма има и полежерни нации.

За да разбие јазичен малер, Австралија сега бира една поинаква фраза како „збор на годината“. „Демократски колбас“ најпрвин ни звучеше како некаква мрсна метафора, но всушност е буквално тоа - колбас, во лепче, печен на скара и послужен на парче леб или во кифла на изборните места во текот на денот на изборите во Австралија. Колбасите се продаваат како начин да се соберат пари за училиштата, црквите и месните заедници каде се одвива гласањето (што патем звучи како добра идеја и за нашиве школи).

Овој обичај датира од 2012, но оваа година колбасот изби на прво место пред сите други лингвистички феномени заради гаф на водачот на австралиската опозиција, Бил Шортен, кој по гласањето си купил сендвич, но почнал да го јаде од средината наместо од краевите, што секако не останало незабележано од локалните тролови. Истовремено, мапирањето на штандовите со колбаси е толку популарна активност, што луѓето практично одлучуваат дали ќе излезат на гласање врз основа на тоа дали на нивното гласачко место има ваков штанд или не. Па, не се гласа на гладен стомак.

Уште еден збор на австралиската листа имаше врска со гастрономија. Shoey е термин за шампањ или друг вид алкохол кој се пие од чевла за некаква прослава или спортска победа. А на поразените им останува само - колбасот.

15 декември 2016 - 20:15