Австралиски писател добитник на Букер за 2014

Вчера (14.10) во Лондон е објавено дека Ричард Фланаган е новиот добитник на престижната награда за белетристика, за романот „Тесниот пат до длабокиот север", кој опишува реален историски настан во текот на Втората светска војна - изградбата на тн. „пруга на смртта“ помеѓу Бурма и Тајланд. 

Авторот, роден на Тасманија, е третиот Австралиец кој ја добива наградата во нејзината 45-годишна историја. Таа сега вклучува кандидати од сите националности, кои во оригинал пишуваат на англиски, а се објавени во Велика Британија. Фланаган се придружува на импресивната листа претходни добитници, меѓу кои Надин Гордимер, Салман Ружди и Џ. М. Куци.

„Тесниот пат до длабокиот север" е шести роман на Фланаган, кого многумина го сметаат за еден од најдобрите австралиски романсиери. Книгата се фокусира на животот на хирургот Дориго Еванс во еден јапонски камп за воени затвореници на озлогласената железничка пруга Тајланд-Бурма. Се работи за 415 километри долг пат изграден од царството Јапонија во 1943, како поддршка на неговите сили во тн. „Бурманска кампања“ во текот на Втората светска војна, кога Јапонија се судрила со силите на Британската империја. Во изградбата на пругата учествувале 180,000 цивилни работници и 60,000 воени затвореници, од кои голем број настрадале како директна последица на проектот, заради присилната работа и лошите хигиенски и други услови. 

Татко му на Фланаган, кој починал на денот кога е завршен романот, бил еден од преживеаните од градбата на пругата, и книгата му е посветена нему. Самиот наслов е инспириран од позната книга на јапонскиот хаику поет Башо, а ги истражува мотивите кои стојат зад екстремната суровост и природата на хероизмот. 

Паричниот износ на наградата е 50.000 британски фунти (околу 62.000 евра), како и специјално дизајнирано издание од наградената книга.

15 октомври 2014 - 08:17