Најдете си вакво место за викендов

Архитектура во служба на човекот: капелата „Ротко“

Не дека водиме статистика за процентуалната застапеност на различните уметности во рубрикава, но сè почесто имаме потреба виртуелно да се насладуваме на убави архитектонски зданија, бегајќи од нашата урбанистичка реалност. Но, овој објект е повеќе од само градба, тoa е и место за муабет со самите нас. Како на пример кога постирате коментар на Фејсбук, ама посмирено. 

Иако се вика „капела", не се работи за верски објект, или барем не за таков кој промовира само една религија. Капелата Ротко е истовремено музеј посветен на само еден уметник, и храм за медитација, но и место на кое се одржуваат собири посветени на меѓурелигискиот дијалог и човековите права.

Пуштена во употреба во февруари 1971 во Хјустон, Тексас, капелата Ротко е сопственост на Џон и Доминик де Менил, бизнисмени, филантропи и мецени на уметноста, кои за време на Втората светска војна пребегнале од Париз во САД. Жан, како што му било вистинското име на Џон, набргу продолжил да се занимава со банкарската професија и во новата татковина, инвестирајќи голем дел од заработеното во собирање на современа европска и американска уметност, од кубистите, надреалистите до претставниците на поп-арт. Нивната сегашна збирка брои 17,000 слики, скулптури, цртежи, фотографии и ретки книги.

Освен како колекционери, тие биле познати и како борци за човекови права, а најконтроверзниот нивен потег се случил кога во 1960 го започнале амбициозниот академски истражувачки проект „Сликата на црнците во западната уметност", кој денес е под раководство на Универзитетот Харвард. Во 1969 му предложиле на градоначалникот на Хјустон на градот да му подарат скулптура под наслов „Скршен обелиск" посветен на тогаш убиениот Мартин Лутер Кинг - тој го одбил подарокот, а де Мениловци му возвратиле со уште еден предлог, скулптурата да си ја задржат за себе, но на неа да изгравираат „Прости им, не знаат што прават".

Капелата Ротко е дел од нивната филозофија, спој на желбата за собирање и заштита на значајни уметнички дела, но и овозможување на оние кои сакаат да ги видат, тоа да го сторат во облагороден простор, кој ќе служи за повеќе од една намена. Марк Ротко, славниот апстрактен експресионист со руско-еврејско потекло, од нив добил нарачка да го уреди внатрешниот простор со негови слики. Веднаш се скарал со главниот архитект, по што следеле неколку ревизии и смени на архитекти, за на крај градбата да биде проектирана како осмоаголен објект од цигли без прозорци, во кој има само осум едноставни, подвижни клупи. За жал самиот Ротко не го доживеал отварањето на oбјектот, бидејќи по долгата борба со депресијата се самоубил во своето студио во Њујорк една година претходно.

Оние кои го посетиле местото велат дека останале трајно инспирирани од него. Еден од нив е и Питер Габриел, кој на оваа градба ѝ ја има посветено песната „14 црни слики“:

Обидете се да пронајдете вакво спокојно место. А ако не можете да го најдете надвор, побарајте внатре.

1 ноември 2014 - 09:43