3Д модели на романи

Архитектура на текстот

Како кога во кулинарството ќе се помешаат навидум неспоиви вкусови, така и мешањето на уметнички дисциплини често знае да отвори неочекувани хоризонти. Матео Периколи тоа го прави со архитектурата и книжевноста.

„Големите архитекти градат структури кои прават да се чувствуваме заштитено, ослободено или ограничено. Тие нè водат низ просторот, прават да забавиме, да забрзаме или да застанеме да размислиме. Големите писатели при создавањето на нивните литературни структури го прават сосема истото" - вака почнува текстот на Матео Периколи, архитект, професор и автор на книгата „Градот вон мојот прозорец: 63 погледа на Њујорк", посветен на курс за креативно пишување кој тој го водел во Италија и на Универзитетот Колумбија, а се состоел од физичко градење на книжевната архитектура на одреден текст.

Методот е следен: секој студент си бира роман, краток расказ или есеј кој добро го познава. Се започнува со заплетот, темата или едноставно со чувството кое студентот го има за текстот. Делото се расчленува на најосновите елементи и се анализира врската помеѓу секој од деловите и генералната структура, но без да се прават буквални „преводи" на текстот, на пример ако тој зборува за некоја конкретна зграда се одбегнуваат асоцијациите токму на неа.

Целата постапка е одлична показна вежба за теоријата на структурализмот, но и за тоа како може да се спојат принципите на архитектурата и на „градењето" приказни. Во архитектурата, вели Периколи, ако го тргнете настрана „јазикот" на ѕидовите, столбовите или плафоните, она што останува е празен простор. И во пишувањето, ако го занемарите јазикот, што останува? Обете дисциплини, значи, градат користејќи ја празнината како основен материјал.

Откако студентите по креативно пишување ќе стигнат до структурата на делата за кои се одлучиле, тие прават тим со студенти по архитектура и конструираат 3-Д модели од истите. Така невидливото и недопирливото почнува да добива облик. А да мислиш за книжевноста без зборови е исто така ослободувачки и речиси неверојатно.

Тука претставуваме два примера на ваква книжевно-архитектонска соработка, a за повеќе тука.

„Срам" од Џ. М. Куци

„Книгата е за јужно африкански универзитетски професор кој добива отказ откако одбива да се извини заради силување студентка. Г-дин Лури минува низ серија на трауматски настани (претставени преку длабоките резови), што предизвикува привремени промени во неговата перцепција, но тој сепак продолжува да верува дека жените имаат природна одговорност да ја поттикнат и да ја истрпат машката страст. Неговиот пат оди во цик-цак, но промената е илузорна, затоа што тој всушност оди во истиот правец. На крај тој сепак се здобива со способност да ги третира жените како целосни човечки суштества, а тоа е претставено преку симболичното паѓање во вода (во процепот/реката), што претставува крај на неговото патување."

Џоана Јао, студентка

„Кон светилникот" од Вирџинија Вулф

„Трите дела на мојот модел ги претставува трите дела од романот. НЕгативниот простор (преминот помеѓу двете куќи, сенката под продолжениот покрив на втората зграда) ја симболизираат смртта на г-ѓа Ремзи, додека потпорниот ѕид на десната страна, со острите рабови, ја спротивставува празнината наспроти другите, цврсти нешта. Како и во романот, сакав физичката структура да покаже дека очајот и желбата не можат да се одвојат.“

Кетрин Понд, студентка

7 август 2013 - 13:42