Како гласи вашата?

Антропологија на нашите лозинки

Лингвистичките шеми кои се појавуваат при анализата на голем број пасворди кажуваат нешто за нас како човечки вид. Тие го ритуализираат нашето секојдневно соочување со личните спомени и со нашите вредности. А зад нив често се кријат и убави, но и трауматични приказни. 

Нè фаќа јанѕа некој да не ни ги пробие, често ги забораваме и понекогаш посакуваме да ги знаеме туѓите. Но компјутерските пасворди се многу повеќе од клучеви за отварање електронски врати и пристапи до сметки - тие, како тетоважа на интимен дел од телото, во себе вградуваат дел од нашиот скришен идентитет.

Содржински и визуелно интересен текст во Њујорк Тајмс  посветен на темата почнува со приказната на Хауард Лутник, извршен директор на Кантор Фицџералд, една од најголемите финансиски компании во светот, кој и денес се потресува кога ја раскажува. Помалку од 24 часа по падот на кулите близначки, при што загинале 658 од неговите колеги и пријатели, вклучително и брат му, првата работа којашто му паднала на памет била - пасворди. Никој не ги знаел лозинките за стотици фајлови и сметки кои биле потребни за фирмата да се врати онлајн навреме за отварањето на берзата. Секако, фирмата имала предвидено дека може да дојде до некаква несреќа, па сите вработени морале да им ги кажат службените пасворди на четворица најблиски колеги. Но никој не можел да предвиди дека ќе загине мнозинството од вкупно 960 вработени во канцеларијата во Њујорк.

Експертите за безбедност кои биле повикани знаеле една работа - дека пасвордите вообичаено се персонализирани. Тие побарале големо количество навидум тривијални податоци за починатите, нешто премногу лично или специфично за секој од нив. Наскоро Лутник морал да врти телефони кај сопружниците, роднините и пријателите на поранешните колеги, за да ги праша, колку што е можно понежно, за детали како „кога сте се венчале?", „како ви се вика кучето" и „кои се датумите на раѓање на вашите деца?". По два дена фирмата била повторно на нозе. Истата човечка сентименталност која била причина за „слаби" пасворди, овој пат ја спасила работата.

Со тоа што ги конструираме така за само ние да ги памтиме, нашите лозинки почнуваат да водат тајни животи. Скриена асоцијација на некогашна љубов, нешто што емотивно нè обележало, знаци во хороскоп, прекари, стихови, цитати од свети книги. Дури и да се многу технички и обични, и тоа може да кажува нешто за отсуството на сентименталност, недоверба и интровертност. Збирката пасворди на авторот на текстот во Њујорк Тајмс, кои ги добил од пријатели но и од непознати, вклучува таков на поранешен затвореник чија лозинка e некогашниот затворенички број („како потсетник да не се вратам таму"); католик кој си ја сменил верата има пасворд во кој се спомнува Богородица („иронично но шармантно"); бездетна 45-годишна жена си го ставила името на детето кое ѝ починало уште пред да се роди („мој начин да го одржам во живот").

Некои од пасвордите се игриви - на пример „инкорект" (неточен) затоа што ако го заборавиш софтверот автоматски ти вика „вашиот пасворд е неточен". Но некои се и трауматични, како кога некоја жена сфатила дека во основа на сите пасворди на мајка ѝ е името на нејзината сестра. Друга пак, по самоубиството на син ѝ, нашла ливче со неговиот пасворд на парче хартија „Ламда1969". По малку интернет пребарување сфатила дека тој бил геј, бидејќи грчката буква ламда е симбол на геј културата за ослободување, а бројот 1969 најверојатно се однесувал на годината на таканаречената Стоунвал буна, протести кои биле задушени од полицијата во Гринвич Вилиџ.

Посебните пасворди се како оригами - мали и спонтани чинови на креативност. Тие го ритуализираат нашето секојдневно соочување со личните спомени и со нашите вредности. Губењето на ваквиот ритуал значи и губење на интимноста со самите себеси. Тие можат да бидат и мотивациски, како оној на професионалната тркачка Фиона Мориарти, која како пасворди си ги става најдобрите резултати од трките. Дизајнер од Шангај пак си ги прави како аппликации, за да му бидат потсетници за тоа како поквалитетно да живее - "Forgive@h3r" или "Facetime2mom@sunday" (целата негова приказна, која зборува за терапевтската вредност на пасвордите тука)

Во декември 2009 еден хакер кој ловел ранливи пасворди низ интернетот објави дата база од 32 милиони лозинки кои ги поседувала компанијата RockYou, која води мрежа онлајн игри. Тоа е засега најголемата јавно обзнанета архива од ваков вид, која е идеална за антрополошко проучување. Голем број од луѓето биле тн. „дигитални нудисти", односно барем еден од 10 имале име, или име и година како лозинка. Но имало и многу поинтересни случаи, кои мотивирале мал тим од компјутерски научници од Универзитетот Онтарио да ги проучи лингвистичките шеми кои се појавуваат во архивата. Заклучок: „сака" (love) бил најчестиот глагол помеѓу лозинките, 12 пати почест од „мрази". Најпопуларните придавки биле „секси", „хот" и „пинк". Машки имиња биле четири пати поприсутни во комбинација со „те сакам" во споредба со женски имиња. Често се појавувал и бројот 14344, за што истражувачите прво утврдиле дека во урбаниот сленг се користи како I Love You Very Much (Mногу те сакам) заради бројот на буквите (16). Во архивата, иако во помал број, имало и такви пасворди кои порачувале "killmeplease" и "myfamilyhatesme", како и расистички и опсцени изрази.

Ако после овој текст почнете да ги собирате пасвордите на вашите познати, споделете некоја интересна приказна со нас. Особено ако пасвордот им е поврзан со акаунт на некоја онлајн книжарница.

22 ноември 2014 - 09:59