Букбокс гледаше

„Американски снајпер“ (2014)

Расистички или патриотски? Филм за психопат-убиец, или за жртва на разните Рамсфелди и Чејновци, кои ги имаат поставено снајперите на покривите на Ирак? Барем едно нешто е сигурно - Бредли Купер е секси со 20 килограми повеќе. 

„Американски снајпер" е глуп филм. Тој главно се состои од два типа сцени, едните во кои гледате низ нишан на снајперист додека тој ладнокрвно пука по ирачки „дивјаци“, а вторите во кои жена му го преколнува да се врати дома. Но кога ваков филм уште во првиот викенд од прикажувањето заработува повеќе од 90 милиони долари од продажба на билети, и е номиниран за Оскар во шест категории, вклучително и за најдобар филм и за најдобра машка улога, тогаш муабетот добива нова димензија. Веќе не е важно само дали тој е во основа е глуп или не е, туку кои се подлабоките причини за неговиот неверојатен успех.

Главниот лик, Крис Кајл, е некогашен член на елитната SEAL (Sea, Air, and Land) единица, кој се смета за најдобриот снајперист во воената историја на САД, со 160 потврдени убиства, од веројатни 255. Иако ги преживува сите можни опасности од вкупно четирите мисии во Ирак, во 2013, веќе вратен дома, е убиен од ветеран, заради засега непознати мотиви. Скоро две години подоцна Клинт Иствуд ги трансформира мемоарите на Кајл, под истоимениот наслов, „Американски снајпер", во филмски хит.

Во него ликот на Кајл е прикажан како војник посветен на својата убиствена мисија, која тој, а очигледно и авторите на филмот, ја разбираат како патриотска. Во една од првите сцени тој мора да донесе одлука, дали да пука во дете и во неговата мајка затоа што тие во рацете носат граната која имаат намера да ја фрлат на американските војници. И - одлучува да ги убие. Со тоа се исцртува моралниот хоризонт и на филмот, и на ликот, во кој простор за вакви дилеми едноставно нема. Оттаму, станува чудно кога при крајот на филмот тој сепак успева да се воздржи да не пука во второ дете кое во нејаките раце држи базука. Што се случило во меѓувреме? Кајл станал свесен за небулозноста на војната? Му требале четири мисии за да дојде до тоа сознание? И каков бил воопшто вистинскиот Кајл?

Неколку медиуми деновиве се обидоа да направат проценка на оваа тема, споредувајќи ја книгата со филмот, и оттаму одредувајќи го степенот на пропаганда којашто тој очигледно ја содржи. Мајкл Мур излезе со по малку збунувачки ставови, од фалење на изведбата на Купер, до толкување на филмот како „антивоен". Поостар беше Бил Маер, кој (видео подолу) изјави дека тој е посветен на еден „психопат-патриот", кој во реалниот живот имал расистички ставови. На повеќе места низ книгата Кајл ги нарекува Ирачаните „дивјаци", додавајќи дека „иако војната генерално не е забавна“, тој уживал во неа.

Сепак, најдалеку во оцрнувањето на филмот отиде Мат Таиби во Ролинг Стоун, нарекувајќи го „дно дна", и врзувајќи го со други неславни обиди на Холивуд да прикаже стравотии на војната преку неубедливи, па дури и гротескни ликови, каков што според него бил оној на Форест Гамп, кој „соочен со страшни морални избори знае само да јаде чоколатца и да игра пинг-понг". Уште полошо според него е што ваквите филмови ни го концентрираат вниманието само на еден војник, при што забораваме на вистинската приказна - дека реалните „зликовци" се Рамсфелдите и Чејновците, и другите политичари во синџирот, кои ги имаат ставено таквите како Кајл на покривите на Ирак, и кои од нив бараат да пукаат и во деца.

Накратко, џабе му е на Иствуд желбата да направи филм со „човечки лик", дури и ако навистина имал таков мотив. Оваа приказна не само што е безначајна без поширокиот политички, историски и културолошки контекст, туку може да биде и опасна. Жителите на САД од арапско потекло се жалат на филмот, кој според нив промовира омраза, а Американско-арапскиот комитет против дискриминација веќе му испрати и официјално писмо на Иствуд. На премиерата на филмот во Лос Ангелес на билбордот за филмот било напишано „Убијци!".

И покрај сите контроверзи, кои можеби ќе доведат до тоа филмот да не добие ниту еден од шесте оскари за кои е номиниран (или напротив, токму заради нив ќе го добие сите), имаме една добра вест за оние кои сè уште не го гледале - Бредли Купер, кои за потребите на филмот морал да качи 20 килограми, со нив изгледа многу секси. Сиротиот морал да бута и по 5,000 калории дневно. И како што самиот изјавил - „тоа бил најтешкиот дел".

 
26 јануари 2015 - 08:37