Aмазонското племе што ја руши теоријата за вродените музички вкусови

Цимане, население кое живее во Боливија, го става под знак прашалник досегашното сфаќање за тоа зошто (и дали воопшто) луѓето повеќе сакаат хармонични созвучја, а не дисонантност.

Во историјата на музиката требало да помине многу време пред дисонантноста да биде прифатена како легитимен начин на експериментирање со звуци и постигнување емоционални ефекти. Дури и денес, повеќе од сто години од премиерата на „Обреди на пролетта" на Стравински или на некое дело во сличен стил, може да се случи слушателите да реагираат на нестабилните акорди и на непредвидливите промени со вознемиреност и чувство дека тоа не е музика, туку хаос.

Дисонантните акорди создаваат тензија која вообичаено се очекува да биде разрешена со премин кон консонантен (хармоничен) акорд. Ваквите музички интервали звучат многу едноставно и спокојно, но голема дигресија од оваа едноставност веднаш ги прави неприфатливи за увото.

Долго време се верува дека особено помеѓу западното население преференците за консонантни акорди се универзални, дури и биолошки вградени. Но во последно време се јавува едно цело движење контра овој консензус. Етномузиколози и композитори велат дека повеќе се работи за градење музички вкус, феномен кој еволуирал од западната музичка култура. По посета на истражувачи од оваа област на релативно изолирано население во Амазонија, ваквите тврдења добиваат и научна подлога. 

Раководена од истражувачот од MIT, Џош МекДермот, групата отпатувала до село во амазонската прашума наречено Санта Марија, каде живее народот Цимане (Tsimane'). До селото не води никаков земјен пат, туку може да се стигне само со кану. Нема телевизија, тешко се фаќа и радио, па влијанието на западната култура е минимално.

Целта на истражувањето било да се види дали и Цимане повеќе сакаат хармонични музички изрази како и поголемиот дел од светот. На сечие изненадување излегло дека ним (на сите 64 испитаници) и вака и така звуците им биле пријатни, без оглед дали се работело за нешто што ние го толкуваме како консонантен или дисонантен акорд. Тие едноставно биле индиферентни кон ваквата разлика, која статијата објавена во списанието Natureја толкува како „културна варијација во перцепцијата на музиката", што е во директна спротивност со претходното тврдење за нејзината „биолошка даденост“.

Едно од објаснувањата на добиените резултати на МекДермот е дека нам, како на „западњаци", реакцијата на дисонтантноста ни е условена од тоа во кои контексти се пласира таа, особено во филмови каде се користи за акцентирање на сцените каде се случува нешто лошо и страшно. Во музиката којашто ја создаваат самите Цимане нема хармонија, полифонија и друг тип на созвучје во групните изведби. Тоа значи дека ти е од мали се изложени на дисонантноста како на нешто „нормално", па оттаму и разликата помеѓу нивните преференци за одделни акорди кои им биле пуштани на слушалки, и реакциите на жителите на главниот град на Боливија, Ла Паз, или на испитаници-Американци.

Истражувањето сепак наиде на критики. Така, во текст објавен во Атлантик Даниел Боулинг од Универзитетот во Виена вели дека тврдењето дека човечката перцепција на тоналната убавина е ослободена од каков и да е удел на биологија, базирано на истражување на само едно амазонско племе, води во погрешна насока, и дека за отфрлање на досегашната теорија ќе бидат потребни многу подетални сондирања на музичките вкусови во различни култури.

Замислуваме изведба на „Обреди на пролетта" во некое изолирано македонско село на почетокот на 20 век. Не дека навиваме за некоја од теорииве, ама нешто не ни изгледа дека селаниве би биле индиферентни.

23 јули 2016 - 12:00