Акција во Рим: донирај билет за театар

Фино е тоа со донирањето храна, облека и други материјални потреби. Но што е со потребите на душата? Театар во Рим почнува акција на 1+1 дониран билет.

И кај нас имаше обиди за „Одложено кафе“ и за „Солидарен оброк“ - акција според која плаќаш едно кафе или оброк за себе, а второто е хуманитарно. Сега во Италија прават нешто слично и со театарски билети.

Земјата од која и потекнува традицијата на caffe sospeso неа ја пресликува и во областа на духовните потреби. За да ги направи театрите достапни и на оние за кои тој е луксуз, Театро деле Музе во Рим нуди билети за кабаретско шоу за кое може да се докупи екстра седиште по намалена цена и да се остави на билетарата за некој друг. Претставата се вика „Вие не сте Неаполитанци“, а премиерата е денес, 16.2. Опцијата за донирани билети ќе важи во следните две недели, односно целиот период додека е планирано прикажувањето на претставата.

Идејата за спојување на корисното и убавото театарот ја добил и заради насловот на шоуто, во кој се спомнува Неапол, местото од каде и потекнува традицијата на „соспесо-то“. За целосно заокружување на приказната, со билетите следува и топла шоља кафе, донација од локален бар кој ќе има тезга за време на претставите.

15 февруари 2017 - 22:07