80 години од раѓањето на Шабан Бајрамовиќ

Роден на 16 април 1936 во Ниш. После војната заради девојка дезертирал од ЈНА, и е осуден на три години на Голи оток. Индира Ганди и Нехру го викале да пее во Индија, каде е прогласен за крал на ромската музика. По снимање на спот за песна под наслов „Белиот коњ“ вистински го украл коњот и одјавал во непознат правец.

Звучи како филмска биографија, но во неа има и многу непроверени места - не му се знае ни точната година на раѓање (дали Ромите биле попишувани во СХС и ако да, колку и како?). Но авторот на текстот посветен на условната 80-годишнина од неговото раѓање во белградско Време (со претплата), Ѓорѓе Матиќ, наместо на ваквите фактографии во фокус става повеќе навидум споредни прашања. Како настанала и како се развивала неговата техника на пеење? Што слушал тој самиот како инспирација, како ги пишувал своите песни? Што воопшто требало за да се стане Шабан Бајрамовиќ?

Едноставната култур-расистичка логика е следна: „Циганите просто го имаат тоа во крвта". Нејзе Матиќ ѝ спротивставува една друга, парафразирајќи го она што американски критичар го има кажано за Беси Смит („царицата на блузот" од 1920-тите):

„Ако е вистина дека циганската музика е одраз на стотици години маки, како тоа изродила само еден Шабан?".

Посебно се интересни неговите текстови, кои ги мешаат јазичните регистри, а звучат комично кога среде ромските ќе се замеша словенски збор, како во случајов:

"Kerta mange daje
Jek gudli kafava
Jek gudli kafava daje
Ki vojska me đava."

Но она што најпрвин звучи смешно, набргу се менува во трагично ако се сфати што точно кажуваат овие стихови - дека зборуваат за човек кој ја моли мајка му да му направи „едно послатко кафе" затоа што го викаат во војска. Тоа, плус споjoт и контрастот на измените на дурско-молските ромски скали, дава ефект од којшто може да се полуди. Тоа е „таписерија" на сосема спротивни состојби, кои се менуваат без предупредување. Тривијалното, секојдневното, неосвестеното во текстот незабележливо преминува во премрачна, неиздржлива тага со која е облеана музиката. Ние не сме воспитани да знаеме како да се носиме со ова, па не е ни случајно што луѓе од кои најмалку би се очекувало таква реакција понекогаш кршат и се тепаат под влијание на оваа музика.

Ваквата магија е уништена откако во 2001 мостарскиот продуцент Драги Шестиќ со албумот A Gypsy Legend го го извлекол Шабан од замреноста и го исфрлил на светската сцена. Но успехот изостанал затоа што Шабан, не интересирајќи се за тоа што се случува зад него во студиото и на матриците, дозволил аранжманите да се погрешни, премногу „пристојни", всушност малограѓански, на сила врзувани за џез, како Шабан да не бил свој сопствен џез на којшто не му треба ништо друго. Дури и Горан Бреговиќ потроши две песни а не доби ништо посебно. Само кога се почитувала мистеријата на Шабан резултатите била исклучителни.

Кога на Шабан ќе му се дозволeло да пее акустично, со глас снимен без ефекти, што поблиску до мембраните (close miking), со што поголема слобода, тогаш се случувал ефект на апсолутна концентрација, нешто што Ален Гинзберг кога го опишувал Дилан на сцена го нарекол „столб од воздух" - како фламенко пејач од Андалузија, пакистански мистик или soul shouter на Пентакостална црква.

Меѓу сите митови и легенди за Шабан веројатно најдобрата приказна е следнава: на снимањето на видеото за Парно грас- Белиот коњ, снимен со филмска камера како што се правело тогаш, во некоја бескрајно поетска маглина, Шабан во црна кожна јакна навистина јава бел коњ. Паѓа последната клапа, а Шабан го краде коњот и со него исчезнува од снимањето, по што со денови не можат да го најдат.

На музичките албуми понекогаш има снимки кои се нерегистрирани, скриени обично на крајот на плочите, како песни-сеништа. Таква на албумот Џипси Леџенд, на предлог на гитаристот Миша Петровиќ е ставена можеби најтрогателната балада на Шабан - „Има црни очи" или Сила кале бал. Снимена е само со вокал и акустична гитара. Завршува официјално последната песна од албумот, „Питао само малог пужа", па настапува тишина, за по неколку секунди од никаде повторно да се слушне гласот на Шабан, без инструменти, сам, пее за девојка со црна коса и зелени очи - „Ја сакам мајко, ќе умрам за неа". Полека тој станува сè потивок, како да се оддалечува, но во нашите глави неговото присуство одѕвонува уште долго.

(во верзија со Мостар севдах ријунјон)

15 април 2016 - 10:04