Додека ние си го правиме второто

50-те шољи кафе на Балзак

Неодамна Њујоркер го емитуваше првиот од серија филмови кои ќе бидат прикажувани на Амазон, посветен на еден славен француски писател и неговата опседнатост со кофеинот. Кога течното не му вршело работа, тој кафето го џвакал.

„Кафето ми дава огромна сила, му ги имам почувствувано огромните ефекти. Тоа ти ја пече внатрешноста, ти ја покренува крвта, ги стимулира мускулите, го брка сонот и ни дава капацитет да го одолжиме користењето на нашиот интелект", пишува Балзак во неговиот полу-сериозен, полу-хумористичен текст „Задоволствата и болките кои ги предизвикува кафето".

Една од легендите поврзани со славниот француски писател е дека бил навлечен на кафе, и дека пиел и по 50 шољички дневно. За постојано да му биде на потребната температура користел нешто што изгледа како чајник (слика долу). Црната течност му овозможувала да се држи до стриктниот распоред, според кој легнувал во шест попладне, станувал во еден по полноќ и работел колку што го држела кофеинизираната снага и умот.

Имало и сиутации кога пиењето кафе недоволно го расонувало, па тој буквално јадел мелено кафе на празен стомак, „ужасен, прилично брутален метод", којшто го препорачувал само на „мажи со прекумерна животна сила, со црна темна коса и кожа покриена со темни дамки, со големи квадратни раце и нозе во облик на чуњеви за куглање".

Очигледно овој метод функционирал штом тој успеал да напише 85 романи во дваесет години. Од друга страна, умрел на 51 година, најверојатно од висок притисок и артериосклероза.

Токму на оваа тема е посветен филмот (34 минути) кој е всушност прв во серијата „Њујоркер претставува" - документарци, кратки филмови и анимации кои почнаа да се емитуваат на Амазон. Во неа Балзак го глуми Пол Џиамати, кого го знаеме од „Споредни патишта" (Sideways) или „Американски сјај" (American Splendor). Фацата му е ептен погодена, а се надеваме во текот на снимањето не морал да испие вистински 50 филџани.

22 февруари 2016 - 18:07