1971 била најдобрата година за рокенрол

Заради приватни причини имаме причина да го делиме ова мислење на музичкиот новинар Дејвид Хепворт, изнесена во негова нова книга. Ама годината си е јака, исто како и музиката создадена во тоа време. 

„Ниту еден досаден момент" (Never a Dull Moment) почнува со набројување на она што се случувало на музичката сцена пред точно 45 години - Domino на Ван Морисон, Brown Sugar на Стоунси и What's Going On? на Марвин Геј, сите снимени истата таа 1971.

Според него токму оваа година била „резултат на огромна експлозија на креативност во краток период", што придонело дел од создадените песни да преживеат до денешен ден. Во интервју за НПР тој објаснува дека дискографските компании не му мислеле многу пред да издадат следен сингл или албум на успешен уметник, а и самите музичари се тркале за да ја искористат можноста која им била дадена. Тие работеле според принципот „твојата прва мисла е твојата најдобра мисла", и за чудо често тоа и навистина било така.

Тоа е годината кога се излезени албуми на Џенис Џоплин, ЗЗ Топ, Џони Кеш, Мајлс Дејвис, Леонард Коен, Елвис Присли, Џими Хендрикс, Дорс, Елтон Џон, Стиви Вондер, Бич Бојс...Список кој во смисла на музички величини кои биле симултано активни и дел од една иста историска епоха тешко дека некогаш ќе се повтори (тука емоџи - комбинација на носталгија и старечка иронија).

Можеби ова е причината зошто Хепворт толку навива за оваа година - тој тогаш имал 21, возраст која често се нарекува „формативна". Сепак смета дека иако имало и други одлични години во музиката, тој е објективен кога вели дека оваа била (досега) најдобрата.

23 јуни 2016 - 20:28