Германски промаи

15 зборови за болести кои не постојат

Верувањето во чудесните разболувачки моќи на промајата е една од карактеристиките кои во очите на странците нè прави од благо хипохондрични до склони кон мистицизам. Но ако мислите дека само ние сме такви, се лажете - Германците имаат дури 15 болести кои ги фаќаат само нив.

1. KEVINISMUS (Кевинизам)

Во изминатите децении германските родители почнале почесто да им даваат странски имиња на нивните деца, како Џастин, Синди, Денис или Кевин. Психолошки истражувања наводно покажале дека овие деца не се толку успешни како оние со „чисти" германски имиња и дека имаат попроблематично однесување на училиште. Од таму и „Кевинизмот", кој како феномен се толкува како комбинација на предрасуди  кон странските имиња, и понискиот социјален статус на родителите кои ги одбираат.

2. FÖHNKRANKHEIT
(Фенкранкхајт)

Фен е име на оној ветер, кој според Германците создава главоболки и секакви болести. Голем број дами од 19 век лежејќи на нивните каучи со студени облоги на челата се жалеле на влијанието на фен-от.

3. KREISLAUFZUSAMMENBRUCH
(Крајслауфцумзаменбрух)

Циркулаторниот колапс, што е буквалниот превод, може да звучи смртно сериозно, но често се користи во значење на „нешто не ми е арно" или „не можам да дојдам на работа денес".

4. HÖRSTURZ
(Херштурц)

Ненадеен губиток на слухот, којшто според Германците е резултат на стрес. Иако секој од нив знае барем по петмина што страдаат од ваков синдром, во други земји за ваквата појава никој не слушнал.

5. FRÜHJAHRSMÜDIGKEIT
(Фрујарсмудикајт)

Нешто како пролетен умор, предизвикан од комбинација на променливо време, алергии и хормонален дисбаланс. Спротивно од она што за целиот свет значи пролетта - најубавата сезона во годината.

6. FERNWEH
(Фернви)

Спротивно од носталгија. Копнеж за патување, кога страдаш затоа што не си на друго место. Нешто ни е познато.

7. PUTZFIMMEL
(Путцфимел)

Опсесија за чистење - не дека не сте чуле за ваква појава, но во други контексти веројатно е поретка.

8. WERTHERSFIEBER
(Вертерсфибер)

Старовремска љубовна мизерност, или „Треската на Вертер" (според оној на Гете). Во доцниот 18 век било модерно да си млад и чувстителен како него. Сега тоа се смета за болест, или во најмала рака за нарушување.

9. ОSTALGIE
(Осталги)

Носталгија за стариот начин на живот во Источна Германија (ост=исток). Ако ви недостасува стариот Трабант или неделните посети на тајната полиција, можеби страдате од неа.

10. ZEITKRANKHEIT
(Цајткранкхајт)

Болести на времето - што и да е што не чини со одреден период, доба или ера.

11. WELTSCHMERZ
(Велтшмерц)

„Светска болка", тага од сознанието дека светот не може да биде она што сакаш да е. Потрогателно од едноставен песимизам.

12. ICHSCHMERZ
(Ихшмерц)

Слично на претходното, но незадоволство повеќе со себеси отколку со светот.

13. LEBENSMÜDIGKEIT
(Лебендсмудигкајт)

Очај или умор од животот. Кој би рекол дека Тома и Гете имаат толку заедничко...

14. ZIVILISATIONSKRANKHEIT
(Цивилизасионкранкхајт)

Проблеми причинети од живеењето во современиот свет: стрес, прекумерно јадење, дијабетис. Повторно необично за нација која се смета/ја сметаат за прилично цивилизирана.

15. TORSCHLUSSPANIK
(Торшлуспаник)

Паника предизвикана од „затворање на портите" односно од течењето на времето, а намалувањето на животните можности.

Заклучок од горенаведениот попис: Германците се екстремно сензитивни и психички лабилни луѓе, кои ги вознемирува дури и едно обично ветре. Не дај боже уште и да се викаат Кевин

21 јануари 2015 - 18:33