Дамир Имамовиќ

10 најчести заблуди поврзани со севдахот

По веста дека починала Јадранка Стојаковиќ денот ни тргна со нејзина музика, но како што обично бива, од видео на видео, стигнавме до севдалинки, и тоа оние отпеани од Дамир Имамовиќ, кој последните години, пред таа целосно да снеможи, одржуваше заеднички концерти со Јадранка.

Меѓу неговите убави интерпретации и креативни поигрувања со уметничката форма на севдахот, наидовме и на клипче во коешто тој објаснува 10 најчести заблуди во врска со овој музички жанр. Видеото трае 24 минути, и најубаво е да го погледнете целото, заради музичките илустрации на секоја од поентите и пошироките културолошки објаснувања на Дамир, но еве ги сумирани:

1. Не може да се научи да се свири и да се пее севдах, бидејќи тој се усвојува од раѓање, „преку мајчиното млеко"
2. Вистинска севдалинка мора да се пее назално
3. Севдахот има заокружен репертоар, па така ако бројот на песни коишто се сметаат за севдалинки е сто, тогаш сто првата автоматски отпаѓа од оваа дефиниција
4. Севдалинките мора да имаат анонимен автор, ако некоја песна е авторска тогаш во неа нема ни с од севдах
5. Севдахот нема музички законитости, тој е „чувствен", не познава структура и скали
6. Севдах се свири само на саз
7. Севдахот нема комплексни ритми (тука ја спомнува Македонија)
8. Севдахот припаѓа само на една вера или само на една нација
9. Севдахот го слави патријархатот и е крајно конзервативен во содржината на неговите стихови
10. Тој, едниот единствен „севдах", мора да се задржи, онаков каков што бил некогаш, па макар и на сила.

Нам пак ни е доволна само една дефиниција на севдах - дека од него те мава нешто помеѓу тага, меланхолија и носталгија. Па уште ако врне... 

4 мај 2016 - 14:01