За паразитите и паразитизмот

Луѓето овде сè повеќе се водат од имбецилната и квазиурбана логика со зародиш во социјализмот „Учи сине да не работиш" и гледаат да фатат какво било школо со кое иднината ќе им биде да станат накакви буџетари што „не креваат потешко од пенкало". Така се станувало господин човек или госпоѓа жена.

И покрај тоа што сме мала и релативно безначајна земја во светски рамки, сепак имаме држава. А да се има држава е голема работа. Држава значи луѓето од одреден народ(и) на одредена територија да се држат заедно и да се потпираат еден на друг со цел за подобар и посигурен опстанок - не да си вадат очи. Не да крадат еден од друг за да го дочекаат следниот месец, година.

Државниот апарат во Македонија и јавните сектори сè помалку се неопходни јавни служби за канализирање, организирање и задоволување на животните потреби на населението, и сè повеќе заличуваат на кластерска паразитска структура која за цел го има сопствениот опстанок на сметка на оние кои не се дел од и не службуваат во нивните редови.

Луѓето овде сè повеќе се водат од имбецилната и квазиурбана логика со зародиш во социјализмот „Учи сине да не работиш“ и гледаат да фатат какво било школо со кое иднината ќе им биде да станат накакви буџетари што „не креваат потешко од пенкало“. Така се станувало господин човек или госпоѓа жена. Господин дебил и госпоѓа моронка. Или не знаете дека таквиот живот е повеќе казна а помалку живеење? 

Аман веќе од придонеси, печати, изводи, такси, нотари, даноци, извршители, сметки, регулативи, казни, посреднички фирми, затезни камати, комисии, провизии, надомести за... и слични правно покриени облици на кражба. Веќе сум кажувал и порано, и да се повторам: Паразитот нема ум да сфати дека ако премногу се намножи ќе го уништи телото во кое живее. Да имаше ум немаше да е паразит. А овие административни прверзии нам ни се случуваат последниве 15 години, независно дали на власт е едната или другата партија или коалиција. 

Државниот апарат и јавниот сектор со огромниот број непотребни службеници и службеничиња мора да се сведе на минимум, а не постојано да изнајдува начин како самиот да се прехрани и по можност да си ги воведе во паразитство и децата. Ако тоа не се случи, здравите луѓе во уште поголем број ќе си бараат место под сонцето надвор од РМ, и ќе дојде ден кога паразитите ќе нема кого да даночат и од кого да живеат. 

Не сакам да се правам паметен. Ја сакам оваа мала држава, моја си е, и не сакам да ја снема. Државната администрација и службите треба да постојат за да ми го олеснуваат, а не да ми го комплицираат животот. Така или не е така? 

12 октомври 2013 - 12:41