Исповед 6

Metamorphosis

Kога се разбуди Грег едно сабајле... виде дека станал бубачка од големите... Повеќето луѓе не би си признале дека дееволуирале, туку од својата грдотија прават „успех во кариерата“. Или чекаат пензија за да се вчовечат пак. И така цел век. 

 

Als Gregor Samsa eines Morgens aus unruhigen Träumen erwachte, fand er sich in seinem Bett zu einem ungeheueren Ungeziefer verwandelt.

1) Едно утро, кога Грегор Самса се разбуди по тежок кошмар, согледа во својот кревет дека се беше преобразил во џиновска лебарка.

2) Кога Грегор Самса едно утро се разбуди од немирни сништа, се виде себеси во креветот престорен во огромен штетник.

3) Кога едно утро Грегор Самса се разбуди од ноќна мора, се најде на својот кревет преобразен во огромен инсект.

4) Кога стана Грег утрото, виде дека станал бубачка од големите (најсовремен превод, заб. автор).

Како и да е, Кафка, кој работел како банкарски службеник во Прага, барем имал доблест да согледа што се сторил... во што се претворил. Наречи го тоа штетник, инсект, буба-шваба... Бил преполн стравови, и животот си го гледал како апсурден, кошмарен сон. Повеќето луѓе не би си признале дека дееволуирале, дека од достоинството на човек душевно се  свеле на ниво на членконог или тврдокрилец. Место тоа, од својата грдотија прават „успех во кариерата", или се во долго очекување да им дојде времето, нивните скапоцени „пет минути“ кога ќе го покажат вистинското лице и раскошно ќе им процути некогашниот потенцијал. Или почесто, чекаат пензија за да се вчовечат пак.  И така цел век. Поздрав до сите политичари, службеници и останати повеќе или помалку „успешни" канцелариски луѓе што не креваат потешко од пенкало, што се гордеат со тоа, и што не го читале Кафка на времето. Сега е доцна. Viva la urbanización.

Labor homines firmat

 

20 април 2013 - 07:10