Започнитис

Велезначното вметнато Н

Нема да ве начека музика ако продолжите да читате за една од волшебните одлики на македонското Н во средина.

Патем, насловната слика е нашето водњанско фракталче, не сум му го ископал латинското име. Може и нема, толку е ендемско.

„Започнитис“ - монструозна кованица исто како и поводот за копнувањето тука - затоа што користењето на „започне“ е некако епидемично. Но зошто би ми пречело „започне“ место „почне“? Просто... има „зачеток“ и со едно Н после Ч, се добива „зачне“. Аналогно, од „почеток“ - почНе. Едно Н во средина што волшебно претвора три букви во дејство што трае. За „започеток“ не сум чул (иако е сосема можно со ширењето на епидемијава и тоа да се појави).

Ова вметнување Н во именка за да се добие дејствие е една од најшизичките работи во македонскиот.

КопНо може да се копа, а снегот копНи (и се претвора во нешто што се копа), па дури има и копНеж, желба и мерак што можат да ме исушат. Го имаме и лет-летНе, ама пусто српско, наместо авионите да летнуваат, некако почнаа да полетуваат. А „полета“ си има точно значење. На пр., пилето леташе, си полета некое време па се спушти. Исто како што може човек да седи, па ќе си поседи некое време пред да си оди или стане. Слично е и она „нека постои пораката“ на што се смеевме пред некоја година.

Колку ќе допре ова до некого, не знам, ама имам потреба ваквите убави мали работи што го прават македонскиот единствен и волшебен да ги истакНам и бранам, зашто ако ги снема, снемува и дел од убавината и разновидноста во светот.

Клео

5 април 2014 - 11:35