Вистинскиот Алцхајмер

Фрактални размисли

01.01. - најмирниот ден во годината. Ни коли брчат, ни кучиња лаат до пладне. Време е да ѝ ставам запршка на сармава што ми се крчка уште од Свети Никола.

Во својата колумна во декемврискиот Баг (недостапна на нет за непретплатници), почитуваниот Олег Маштруко ме потсети дека за секоја смислена расправа е потребно точно да се дефинираат/определат поимите што се темата. Значи, што бараат фракталите во иста бразда со Алцхајмерот...

Фракталите се „математички комплети што се прикажуваат во „самослични" обрасци" (http://en.wikipedia.org/wiki/Fractal) - или, на нашки, секој дел од фракталот е сличен, дури и ист, со целината (нешто како холограм, ама повидливо во секојдневниот живот). Уводната слика е пример за природен фрактал - дрвото. Секоја гранка на него е слична до идентична со обликот на целото дрво.

Патем, фракталите се еден од главните виновници што почнав да бркам јаки компјутери кога се појавија Пи-сијата. Првата машина што ја купив беше Компакова 286-ка што црташе црно-бел фрактал по цели ноќи, па живи радости кога брат ми зема 386-ка и можев да исцртам фрактален зум во боја за само 6 саати (брат, ќе искачаш вечер? може малку компјутерот?). За споредба - машина што е добра за цртање фрактали беше секогаш најдобрата можна машина за играње на пазарот (брз процесор и јака графичка). Само, ако црташ фрактал, нема играње Цивилизација - па тоа доведе до зимање две машини со посебни намени и... уште немам стигнато до серверска фарма.

Нејсе, фрактални размисли. На чколија ме учеа и ме научија да пишувам дијалектички (т.е. аристотеловски), по шемата теза-антитеза-синтеза. Арно ама, тоа е добро за есеј, ама во вообичаена ситуација (кафански муабет, расправија на интернет), токот на дискусијата секогаш е „фрактален". Се почнува од нешто, па идат гранки на сите страни, па муабетот забегува, се шири, расплинува и би дошол до границите на универзумот да не е она... „што ми беше зборот?". Е, тука влегува РАЗмислата.

Намерата ми е да го прогласам „раз-" за фрактална претставка. Имено, „раз-" неправедно најчесто се поврзува со „растури" и „развод", па изгледа како постојано да „расипува" нешто, но една утринска РАЗмена на мисли со госпоѓата нѐ доведе до ова.

Што правиш кога РАЗбираш? Го растураш бирањето или ги избираш деловите од целината што помагаат да ја сфатиш целоста? Кога РАЗединуваш, од едно правиш повеќе, РАЗдвојуваш двајца, а што РАСтројуваш? РАЗгледуваш целина за да ги видиш поединостите и да ја сфатиш целината. Се РАЗминуваш со некого или нешто (башка ти, башка другиот), РАЗубедуваш (аргументирано побивање на нечие убедување) и... најпроблематичното, можеш нешто да РАЗубавиш (од убаво да го направиш поубаво), ама нема шанса нешто да РАЗгрдиш (само да РАЗгрАдиш).

Значи, РАЗ не е растурачка претставка, туку укажува дека се фрактализира целината на поситни делови со цел да се сфати со РАЗмислување. Кога размислуваш, не ги растураш мислите, туку ги ситниш за да дојдеш до целото. И така... Доаѓаме до Алцхајмерот.

Алцхајмеровата болест порано се викаше „сенилност". Не знам кој немал некој дедо/баба што не си ги познава внуците или децата, ама точно може да каже каде бил на 5 јуни 1932 на ручек. Медицински, први симптоми се проблеми со изразувањето и губење на сеќавањето (дислексијата и дисномијата од претходниот пат). И баш кога го пишував тоа, ми дојде под рака еден документарец на ХБО по име „First cousin once removed". Пошто со Енглезите сме скарани за роднински термини, на прва топка го преведов како „втор братучед", ама тоа е всушност филм што го има направено внукот на првата братучетка на главниот лик, Едвин Хониг (http://en.wikipedia.org/wiki/Edwin_Honig) брилјантен поет, драматург и преведувач. И внукот му вика на вујкото дека му е „прв братучед од второ колено", ама ај преведи го тоа на нашки. Туку, што ми фати око...

Првите сцени беа: доаѓа внукот и секогаш поставува исто прашање. Одговорот е секогаш различен. Главно, никогаш не го позна. Човекот секое утро се буди како бебе - во тело на старец, без никакви спомени, живее во тотална сегашност. Си седи во омилената фотелја и гледа во јасиката пред прозорецот. Секој ден му е нов живот.

Што му направи внукот - му пушти видео од него на некое предавање (ко Струшки вечери, такво нешто). Хониг прашува: „Кој е овој?" Ти си тоа. И, тогаш, фрапантна изјава: „Не сум импресиониран. Овој премногу се труди да биде нешто". Човекот добил талент објективно да се процени себе на помлади години - со бонус да не мора да му биде незгодно.

Потоа имаше снимки од луцидни моменти (знаеше човекот и да се повлече во себе и да општи како страчката што му правеше друштво секој ден на јасиката). „Минатото не е она што било, туку она што помниме дека било". Се будиш како старец - но без минато. И потоа една изјава што ни е фактички заедничко искуство... „мозокот само си работи, дури и ако нема ништо од што да продолжи" (како поет, драматург и преведувач, мозокот имал што да му меле цело време).

Во еден благословен период пред некоја година, под дејство на јака настинка и ред други телесни слабости, најмногу што можев да се надевам на олеснување беше полсаат лебдење ни ваму ни таму, ни на сон ни на јаве. И мозокот не престануваше да работи. Само редеше некои коцки, вадеше фајлови, пушташе глупи песни од радио... Таа карактеристика на мозокот разни култури ја лечат на различни начини - будистите со медитација (целта е да се одвоиш од своите мисли - да ги гледаш како облаци што поминуваат по небото), а христијаните со Исусова молитва (не го пушташ мозокот да прави што сака, туку му даваш работа - еве ти ги зборовите, „Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот" - и се собираш во нив). Ефектот е различен - ко да пуштиш коњ да трча по Шара или да му направиш широк обор и таму да го ставиш да пасе... Но кај г. Хониг беше сосема друго - фактички тој се имаше само себеси и својот ток на свеста.

И, да дојдам до синтезата - што ги спојува размислите со алцхајмерот... Кога размислуваме/фрактализираме, го имаме благословот да можеме секогаш да се вратиме на „што ми беше зборот", на коренот на дрвото - да ја сфатиме целината. Но денес, кога сме претрупани со информации, заборавот како да е најголемиот благослов. Хониг живеел во тотална сегашност - без минато, без иднина. Се чини идеално, но без минатото не можеш да се процениш денес (како да се гледаш на снимка без да се познаеш). Без надеж за иднина... кон што би се стремел човек? Реакцијата на умот, изгледа, кога ќе се преоптовари или преполни - е да ги избрише непотребните фајлови, да направи повеќе место за дискот за очекуваниот прилив. Или Господ му дава на човек можност да се покае за работи запретани од слоевите на времето пред да го прибере. Но еве нов момент...

Компанијата Snapchat одбила понуда на Фејсбук за откупување - вредна 3 милијарди долари. Исто како што Фејсбук одби милијарда од Јаху кога почнуваше. Што е Снепчет? Услуга за размена на текст, слики и видеа што се задржуваат на серверите и уредите што ќе ги примат САМО 10 секунди. Кој прочитал, прочитал, кој видел-видел. Идеално за денешните тинејџери што ги нервираат бабите и тетките што им се прикачени на Фејсбук. Види, сними, прати и заборави - го нема веќе! Арно ама, тоа е фактички тотално живеење во сегашност од 10 секунди (додуша, кој има тинејџер дома знае како реагираат на цимањата - не им е важно со кого зборуваат, само да видат што ги вика телефонот). Можеби тоа е реакција на постојаниот притисок од стварноста - поопуштено живеење во кое не му се дава претерано значење на сѐ и сешто што се случува моментално - ако сакам да го меморирам, има други сервиси. Може е тренирање Алцхајмер, ама од друга страна... новите генерации ќе имаат доволно слободна меморија да не мора да бришат ништо, бидејќи веќе го избришале за да снимат нови работи.

Или само да бидат. К'о што „бивстуваа" нашите генерации во 70-ти и 80-ти, тотална сегашност, без да му ја мислиш кој факултет и зошто, кога возењето точак од Кисела Вода до Марков Манастир беше... „Кај беше? - Надвор", без геотагирање на мобилниот на малиот ако касни 5 минути од школо.

И... што ми беше зборот...

1 јануари 2014 - 19:39