Секси келнер

Начинот на кој што денешниве мажи се удвараат е прилично... унесреќен. Не знам дали поради фактот што немаат поима, или се претвориле во глуперди од кои нивните дедовци би се засрамиле... Или па, можеби затоа што жените се гуски што сакаат филмско удварање, спонтаност и не знам што понатаму. Битно имаме проблем.

Он не знае како, она не сака така. Па сите мажи се свињи, па сите жени се курви и така до недоглед.

Мислам, не знам ни која страна да ја држам, ама природата ме сврстила веќе, па сум се наслушала и нагледала глупости.

Еднаш, зборев со еден познајник на Скајп, он се удвара, јас барам начин да го откачам. Ми успеа, па се замуабетив со една другарка. Кога ја прашав што прави, ми кажа дека во тој момент се обидува да го откачи истиот човек и ми го paste-а муабетот, а јас сфаќам дека ДО ЗБОР и нејзе истите работи и ги кажал, меѓу другото:

„Посебна си. Има нешто во тебе што те издвојува".

А бе, изгледа двете сме нешто посебни.

Друга приказна.
Излегувам со другарка во Џубокс, се сместуваме, нарачуваме и одма упаѓа тип. Другарка ми во тоа време имаше храбар имиџ, од оние јаки, ќелави девојки, со големи менѓуши. Он, видно инспириран од тоа и ничим изазван од моја страна, ми се обрати на следниот начин:

„Слушај, сакаш да допиете и да идеме кај мене, ја и ти, другарка ми и другарка ти?"

ОЗБИЛНО?!
Дека ќелава нешто, па демек геј? Или јас требаше воодушевено да ја испијам пијачката на екс, па да се затрчам кај него дома, да се забавуваме?

Бонус: Истиот тип поради неговата состојба имаше заборавено дека само минатиот викенд ме убедуваше дека е архитект во Париз, додека не се појави некој и не рече: „А, го знам овој бе, у Аеродром живее".

Исто е многу јако кога е гужва некаде, па поминува позади тебе и те фаќа за половина. Као, се потпирате ли, што е работата?

И на крај, морам да испофалам еден удварач.

Пешачам накај дома еднаш, зборејќи на телефон. Поминувам покрај еден кафич, пред него стои некој дечко, веројатно вработен и пред да го одминам ми тутка некое флаерче што јас несвесно го држев во рака додека траеше телефонскиот разговор. 200 метри подоцна, се доближив до канта за ѓубре и од досада го разгледав флаерот. Во еден момент, луѓе мои, приметив нешто и не ми се веруваше.
Флаерот беше мени за кафичот, и меѓу сите понуди за алкохолни и безалкохолни пијалоци, уредни испечатени, на средина, трапавко, со пенкалце стоеше:

СЕКСИ КЕЛНЕР: 07X/XXX-YYY

Еј, колку ми беше јако! Ми се разлеткаа срциња како на цртан, онака од ќеиф, колку му текнуе на човеков. Дури и му пратив порака да му честитам за оригиналноста. Попосле ми текна дека можеби дечкото е само практичен и можеби си има изштанцано уште такви флаерчиња, и си ги дели по фини кандидатки, па кај ќе упали – ќе упали... Ама пак! И за тоа мора да му се признае дека му е јако!

Инаку, драги припадници на машкиот пол, јас ве поддржувам. Знам дека има кози што се занесуваат и ги одбиваат вашите сосема пристојни понуди и обраќања. Али ако некој се препознава во скромните описи погоре... Ако ви е.

А, девојчиња мои, отворете убаво очи. Сочувствувам со вас за сите „архитекти во Париз", и ви посакувам да налетате на некаков „секси келнер".

 

Јана

nultapozitiv@yahoo.com

твитер

4 мај 2012 - 10:44