Без Паника

Куртон бе тато!

Има една случка, сум ја чул, се раскажува онака: еден пријател на братучед ми ми ја раскажа, да слушнеш што му се има случено. Можеби е вистинска, можеби само урбана легенда, а оди вака: Таткото се шетал со синот, дете од свои 9-10 години, и во еден момент синчето златно го прашува: Тато, што е тоа презерватив?

Таткото најверојатно во себе ја испцул и сопругата која дента не можела да го земе малиот од тренинг, баш тој ден кога на малиов му текнало да прашува вакви заебани работи, а можеби и се покајал што воопшто направил семејство па сега мора да се бламира, почнал да пелтечи, да се поти, ама се јавила машката гордост во него, се јавил исконскиот татковски инстикт, па со елан како на млад и дотеран македонски претприемач на меѓународна бизнис конференција почнал да објаснува:
- Сине, знаеш, кога двајца ќе се запознаат, знаеш, па се сакаат, знаеш бе, па се бацуваат, па..., знаеш кога треба да прават срамотни работи, оноа де, знаеш, доцна навечер во кревет, знаеш, а не сакаат да имаат деца, знаеш де, па има една направија, знаеш де, гумена, знаеш, па тоа се става на курето, знаеш.
На тоа, гордоста татина, шампионот тој, првата негова радост после посетата на светско у фудбал у Шпанија, му одговорила:
- Аааааа, па што не кажеш, куртон бе тато!

Е јас од оваа приказна вадам само еден заклучок: децата знаат сè, знаеш. Знаат сè од моментот кога светот го гледаат наопачки и некој ангажиран доктор ги мава по грбот, демек да продишат, а тие веќе дишат и се прашуваат каде е сестрата со влажните марамици да им ја избрише таа глупа лигава материја насобрана околу устата и очите и ги чеша.

Шега на страна, ама навистина знаат. Што мислите вие? Од каде знаете да пцуете, од каде научивте да се дерете, кој ви покажа дека треба да ги ставите рацете напред кога паѓате напред (за назад е потешко!), или како разликувате што е топло или ладно, каков мирис има гомцето и каков е вкусот на камчињата. Детскиот мозок е тазе сунѓер, форматиран хард диск со нов оперативен систем, отворен за нови софтверски инсталации, брз и непогрешливо точен. Нема багови, нема вируси, нема заебанција со него.

Да, нема заебанција затоа што податоците во него се впишуваат автоматски и сами си ги наоѓаат вистинските конекции. Дури и кога се игра, занесено во некоја лего заврзлама, сигурно ве слуша како дрндате на телефон, најверојатно оговарајќи некое друго човечко битие. Нивниот мозок не суди, само процесира, акумулира и сам себе се надградува.

Што вие, како родители, старатели, воспитувачи, баби, тетки и околина на тоа мало суштество со голем капацитет ќе му внесете во таа глава, вам ви лежи на чест.

Да, чест, затоа што сето она што ќе го кажете и направите пред таа млада глава треба да е со чесна намера. Може и да не сте доволно образувани, можеби не знаете ни фудбал ни кошарка ни пеглање ни перење ни пеглање ни готвење. Не ни треба да знаете нешто посебно, детето учи од она што му се нуди. Понудете му искрени одговори, интересни приказни, изјави на љубов и почитување за сите луѓе, за училиштето, за природата. Јас сум уверен дека е така и дека баш така ќе успеете да му помогнете на тоа небеско суштество и го "изведете на вистинскиот пат".

Иво Антов

3 декември 2015 - 10:21