Иво - Без Паника

Еволуција или Револуција

Знајте дака вашиот тинејџер уште малку ќе стане студент и слободен граѓанин и искористете го моево наравоучение кое би гласело: Бидете Оупен Сорс, слободен софтвер, достапен и бесплатен за користење на вашите деца и отворен за надградба. Па нели е и тоа суштината на интернетот, пардон, животот?!

Еден ден еден човек, враќајќи се од аџилак дома, дошол до една голема река. Не можел да ја помине никако, страните биле стрмни, а реката полна со опасни брзаци. Се мувал лево-десно барајќи го преминот и, одеднаш, од другата страна го видел Големиот Свет Учител. Почнал да му вика: „Учителе, како да поминам од другата страна?" И Учителот морал да викне за да може да го чујат од гласната вода: „Момче, па ти си од другата страна."

Фак.

Ако сте родител или старател редовно ќе ви се случува да се соочите со прашања што нема да знаете да ги одговорите, но често се случува и да го знаете одговорот, ама ќе се обидете да го скриете поради тоа што ве мрзи во моментот да разговарате со копиљаци додека трае фудбалот.. Најлошата варијанта е да излажете или пак го скриете одговорот поради старата максима која вели дека вистината понекогаш треба да остане скриена за општо добро.

Тешко дека ќе се случи, особено во денешново изглобализирано опкружување, да бидете Големиот Мислител и на вашето најмило со леснотија да му ги откриете тајните на човековата перцепција, Универзумот во една пасторална атмосфера, поради тоа што на крајот на краиштата ни вие не сте биле ученик на Големиот Мајстор. Ама може барем да се потрудите околу тоа.

Информациите владеат со новиот свет, кој ги поседува е пофраер и може да им се курчи на другите. Како родител, информациите во семејството се во ваши раце, па вие решавате дали и како ќе ги пласирате. Вие решавате дали ќе има бавна еволуција или некаква револуција во вашето семејство. Ваша одговорност е дали малата ќе верува дека светот е рамен и таа е во центарот и сите ѕвезди се вртат околу неа или ќе биде Галилео и ќе пркоси на таквото учење. Вие за нив сте и Господ и Учителот и сè, и во секој момент мора да бидете свесни за тоа. На вас е дали ќе бидете Богот демиург или Богот уништувач.

Верувам дека во денешно време никој повеќе не се користи со лагите од типот дека штркот ги носи бебињата и ние, самите, веруваме дека сме напреднале, ама научните истражувања велат дека децата учат да лажат баш од родителите, од домот и од најблиските. Уште на една година тие се свесни дека родителите ги подлажуат, а веќе на 3 се комплетно подготвени, мртви ладни да ве излажат во очи.

Па сеа, видете сами. Дали ќе ги информирате за сè, ама баш за сè или ќе направите некаква (поголема или помала) блокада на нивната информациона мрежа - е одлука која во секој случај носи далекусежни последици. И по вас и по вашите најмили, од утроба извадени.

Најпосле, последиците од таквите блокади и пренасочувања може да доведат до протести, бунт, а богами и една мала револуција во семејството и легитимно да го урнат вашиот дотогаш неприкосновен авторитет. Зашто чедото ваше од моментот кога ќе ја исправи главата почнува и вистински да ја користи, почнува да зрее и да се развива и да зрее цело време. Максимите со коишто ве растеле дека сте зрели со полнолетството или кога ќе се ожените или кога ќе завршите факултет - не важат, ама ич. Сигурно и вие не сте зрели како вашиот родител, сега веќе пра-родител, а зреете и сега, на 30-40-50, ќе зреете и понатаму, сè додека еден ден навистина не презреете и отидете на рајскиот битпазар најслатки од што икад сте биле.

Ех, ама кога си тинејџер зрееш брзо, исто како на социјална мрежа. Почнуваш со неколку пријатели, па со нивните пријатели, па со линковите што тие ги споделуваат и тоа е нормален пубертет. Ако на некој начин се обидете да го блокирате вашиот најомилен непријател тинејџер, сетете се на поговорката дека и Мирна Вода Брег Рони и знајте дека еден ден блокадите ќе ви паднат. Сеедно дали од мирната вода или од цунами.

Знам дека во суштина намерите на секој родител се позитивни. Родителот створител, со своите дејанија едноставно сака да го заштити своето најдрагоцено или пак, едноставно, следи еден дизајн кој со векови е вграден во семејните гени. Ама, и гените се мешаат и нишките на ДНК се надградуваат и бидете целосно свесни на тоа. Да убедите тинејџер да прифати ваши ретро ставови утврдени во осумдесетите (кога музиката беше најбоља!!!), во времето кога секој модерен филозоф му е достапен на еден клик, е исто како да треба да го убедите гладниот лав да не ја јаде антилопата затоа што е многу убава. Па макар и вие биле убедени дека тоа се вистински вредности, не е баш така. Историјата ни покажува како и голем дел од тие, вистинските вредности, еволуираат со тек на време. Видете што се случи со робовладетелството, комунизмот, а богами и со пушењето тутун за кое шаманите сè уште велат дека е здраво, ама никој не ги шиша. Нашиве наследници растат во забрзано време, интернет и мобилна комуникација. Тие градат свои вредности и поставуваат нови критериуми за тоа што е вистина.

На лагата ѝ се кратки нозете, особено ако оној кого лажете ви е најблизок и ќе ве провали за секунда, па затоа НЕМОЈТЕ да ги лажете.

Знајте дака вашиот тинејџер уште малку ќе стане студент и слободен граѓанин и искористете го моево наравоучение кое би гласело: Бидете Оупен Сорс, слободен софтвер, достапен и бесплатен за користење на вашите деца и отворен за надградба. Па нели е и тоа суштината на интернетот, пардон, животот?!

Иво Антов

17 декември 2014 - 18:16