Кулинарски предрасуди

Во Париз на грав и колбаси

Кога ме прашуваат дали уживам повеќе во добра вечера co чаша вино или во (добар) секс, не знам што да кажам. Се смеам.

Во седумдесетите години Европа ја фаќа една голема кулинарска треска чиишто последици се до ден денес забележителни. Иако la nouvelle cusine завршува како неуспешен експеримент, се уште најин ресторани ширум Италија се оние кои јас ги викам " кревет од рукола". Целото мени е развиено во демунутив: бифтече, марулче и ќофтенце и сè ригорозно "лежи на кревет од рукола". Сè исечено "жулиен" многу ситно и сè е крцкаво, а гарнирот е најчесто "крем од грашoк" или " прелив од леќа". Мене вакви места ич не ми се по ќеиф па станувам од маса и неизбежно морам во Мекдоналдс. Невакцинирана од урбани прикаски и стереотипи, во целото мое незнаење верував дека Французите служат мали порции во големи чинии типични за оваа кулинарска струја. Ама мене Париз ми удри шлаканица, ми ги фрли во вода сите предрасуди и направи да се чувствувам како дома.

Освен она што го сите ги знаеме и го гледаме по филмовите: остриги, шампањ, паткини паштети и црвено вино имаат мени и за наш вкус, извонредно свинско печење, грав со колбаси и палачинки на секој агол. Јас си мислев дека тавче гравче во земјени грниња е наша работа. Ама кога на сто метри од Нотр Дам, го пробав нивното "Кажули" кое ме врати назад во годините, си се подзамислив. И се уплашив колку неам појма. Ништо не знам. Не знаев дека готват патка со мед на највкусен начин. И дека макаронс се колачиња (во форма на сендвичи) слични на марципан, полнети со сè што може да ви падне на памет. До тогаш не знаев каков вкус имаат тие макаронс кои ми звучеа како исфрустрирани макарони.

Во едно сокаче откриено случајно во близина на Сен Жермен открив еден неделен пазар. Северниот дел на Италија е премногу снобовски за да поднесе тезги со храна на отворено, ама Париз не. Се вртат пилиња, тезги со цвеќе кои се мешаат со фрижидерите со француските кашкавали. Десетици видови, мали и смрдливи, наредени како во излог на скап бутик. Рибниот пазар си е приказна за себе. Беспрекорен е, прекрасен. Уживанција од Франција, што би рекла мајка ми. Почнува да ми ѕвони музиката на Амелија Пулен, продолжувам по пазарот и гледам редица од пеесетина метри. Фурна. Мириса на свеж леб, на кифли со путер, на пити со пршута и со печурки. Во Италија не јадат вакви мрсни работи. Ама, ја не сум Италијанка. Си земав еден бурек (личеше на бурек) и цел го изедов. Ми остана мерак за едно парче леб со суво грозје кое јасно потсетуваше на милиброд. Секаде си најдов по еден залак, мал залак "дома".

Ако се погодите во близина на Плаз Мадлејн, ѕирнете го "Фушон". Не за да купите нешто туку само да ги видите продавачите на француски гастро-специјалитети во смокинг и лептир машни кои ќе ви се насмеат како да ве чекаат баш вас и никој друг. Убаво е чувството кога си пијан од храна и кога сетилата стануваат гласни од задоволство. И во кујна и во кревет. Затоа никогаш не знам кој е точен одговор помеѓу секс и храна.

Пробав сè што успев и испив колку што мојот мал стомак издржа. Париз ми го гризна срцето. Во секоја париска "брасери" има мирис на дома. На нашите кафани. На топло, на пржено, на печено, на кашкавал, на леб и на смеа. И во италијанската " остерија" се вдишува слична атмосфера. За жал Европјаните се малку љубопитни и многу самоуверени. Уплашени или затупени, доволно незаинтересирани за да ги пробаат туѓите вкусови и да ги препознаат туѓите мириси. Италијаните се убедени дека нивната кујна е број еден.

Кога Италијанец шета по бел свет редовно бара италијански ресторан за да јаде пица и шпагети и претендира истите да бидат вкусни како во Италија. Французите се убедени дека нивната кујна е подобра од италијанската и не постои Италијанец кој ќе ви каже дека француските вина и кашкавали се подобри од нивните. Никој не попушта. Тешко на Карла Бруни.

А кујната е само почетокот на една долга низа на предрасуди кои ја мачат Европа, од Скандинавските до најјужните. Сите убедени дека нивното е подобро и најдобро, си изградија Европска Унија напумпана со национализми, а нас на југот не натераа да мислиме дека е земја Дембелија.

Не сакам на уживањето да му давам име и да му лепам етикета, јас би се удавила во сè што е убаво. И ич не ми гајле од каде е. Било француско, наше, турско или што ти ја знам какво, јас насекаде би си нашла малку дома. Насекаде би си нашла омилено место, омилено јадење, омилена пијачка и омилена улица. Првите години тешко се борев со носталгијата за нашите кафани, за нашите патлиџани и за Битолскиот јогурт. Денес се научив да живеам со неа и на моменти дури и да заборавам колку многу работи ми недостасуваат. И иако си ги присвоив сите ритуали на медитеранската кујна, се држам до нивниот распоред на оброците, научив да разликувам "паста ал денте" од преварена, готвам на "тукашен" начин, сепак има денови кога душата ми гори за тулумби.

Денес е еден од тие.