Те сакам, Франческо

Секогаш наоѓам нешто за да ми се допаднеш. Некој гест вреден за обожавање, мал, а прекрасен гест за возвишување. И ништо од сето ова што ти го кажувам нема никаква врска со моите гледишта, ниту пак со мојата религиска неопределба. Сè ова е надвор од мене. Ова е прашање на чиста човечка симпатија, која за цел се има самата себе. И не ни знам како поинаку да ти кажам, колку те сакам Франческо?

Никогаш не сум била нешто по Папите. Не се разбирам од Библија, не ги разликувам сите црковни католички тертипи и иако живеам во најкатолчката држава евр, под ова прачање се сметам неписмена. Прашајте ме било што друго, само аман немојте религиозни адети.

Франческо ми е мене идол. Како што се сака некој кантавтор, како што се сака некој писател, некој лик од минатото или некој, било кој. Како што се сака лидер.

За мене, Франческо, ти немаш никаква врска со Возвишениот и со патиштата негови. Пошто за да нè поздравиш првиот пат после белиот чад, ти ни кажа: "Добар ден." И зашто кога ќе го завршиш неделниот говор ни викаш: "Пријатен ручек." И нас тоа нè прави да се почувствуваме блиску, поблиску до тебе, поблиску до огромната црква. Ти во сто и кусур дена успеа да го приближиш цркoвниот барицентар.

Те сакам зашто си едноставен. Затоа што ги тргна сите престилки и наметки везени со злато. Ги тргна сите тешки носии. Ти не носиш чевли со црвени ѓонови. Ич не си модерен. Не ги носиш оние малите барокни и гротескни капчиња.

Ти бело си носиш. И крстот ти е дрвен. Зашто попросто не можеше да одбереш.

Одби сè што можеше да имаш. Големата Папски апратман го замени со куќата Света Марта, зашто не сакаш да спиеш сам. Одби приватни лимузини, бодигард што ќе ти ја демне сенката. Тебе ништо не ти е важно.

Ти се возиш на точак. Употребуваш градски превоз.

Одбиваш да имаш посебна столица.

Ти си лидер. Заради начинот на кој зборуваш. Зашто италијанскиот со твојот топол јужно американски акцент, уште поубаво звучи. Поубедливо. И јас би те слушала, не за да разберам нешто повеќе за теми по кои можеш да ми стаиш кецминус, туку заради твојот мек глас. Зашто кога те слушам како збориш, си мислам сека постојат се уште луѓишта. Лидери, спремни да водат со откажување и покажување.

Лидери кои имаат наше потекло. Од ниските редови на народот кој нема, кој вечно прежувува, кој се бори, кој се надева. Пошто и ти, како нас, доаѓаш од крајот на светот. Лидер може да стане само оној кој народот го познава.

А ти знаеш, драг Франческо, дека лидери не се прават во лабораторија. Не треба да имаш титула, да си школуван во најпрестижните светски универзитети. Не ти требаат Кембриџ и Оксфорд. Не треба да знаеш да јадеш со 4 различни видови на лажици, уште пред да знаеш да одиш.

Лидери не се прават со формула. Не треба да одиш на опера и да слушаш класична музика, да одиш на јавање и да посетуваш часови по дикција. Лидер не се станува со авторитет.

Лидер не е: " Ти прај како што ти кажувам, а не како јас што правам." Сите сме за тоа добри. Лидер не е тој што во пракса е најдобар теоричар. Лидер не употребува насилство.

Лидер прифаќа. И лидер простува.

Лидер, само може да им ги бацува нозете на оние кои згрешиле.

И убаво се смееш, Франческо. Со очите и со срцето. И на твитер си. И ти знаеш дека само ако ни покажеш како, ние ќе можеме да го земеме твојот пример.

Ти си крал на светот, зашто поголем од тебе, нема. А тебе, чиниш, ич не ти е важно. Не ти е гајле што ти све можеш да добиеш од таа улога. Ти гледаш што повеќе да ни дадеш. И ти си за ние да се вратиме малку наназад. Да престанеме да бараме повеќе и повеќе. А кога ќе добиеме повеќе, да сакаме уште.

Ти сакаш земски работи. Сакаш фудбал, читаш поезија, сакаш танго. Ти нè потсетуваш  да сакаме едноставни работи, да уживаме во ситни животни задоволства кои нема да имаат материјална цел. И имаш за секого по нешто.

Бакнуваш нозе на малолетни затвореници, гушкаш деца со посебни потреби, благословуваш моторџии. Ја избра Лампедуза за прво патување. И си за антиглобализација. Да не се глобализира индиферентноста. И така е. Кога го кажа тоа, минатиот понеделник, сфатив колку си ти голем, а ние прости.

Сè повеќе знаеме. Знаеме во секој дел од секоја секуда каде се води граѓанска војна, каде имало земојтрес, каде фатила некоја чудна форма на грип, каде паѓа влада, каде има протести. И сето тоа нас нè остава главно индиферентни.

Денес немаме ниту време, ниту срце толку широко за да се загрижиме за нешто што ни е подалеку од носот.

Болест се овие нечувства.

Индиференти за она што се случува во Египет, во Турција, на Лампедуза, на она што им се случило на жителите од соседното село, на она што му се случило на пријателот на твојот пријател, на комшијата, на твојот близок. Сè додека не станеме индиферентни во однос на самите себе. Тотална животна незаинтересираност и апатија.

А ти не сакаш така. Ти нè учиш да не бидеме такви, никакви.

Да не се плашиме од милосрдност и од добрина. Нам младите ни викаш да не се плашиме да одиме против струјата. И ти си можеби Лидерот кој ни е потребен да нè води за да успееме да се вратиме еден чекор назад, за да можеме да тргнеме еден чекор понапред.

Не е прашање на тоа колку добро ја продаваш верата која ја проповедаш, ниту пак која вера проповедаш, туку човечноста која ти се чита во очите и твојот глас која ме охрабрува и ми дава надеж, дека не иде баш све у курац.

Долго да ни живееш, Франческо.

Зашто ќе бидеш даскал, не (само) на верски следбеници. Туку на луѓе, како мене и како нас, обични. Кои ќе те следат како човек.

Емили, Италија

emabela@yahoo.com

13 јули 2013 - 15:24