Од дома, дома

Од Петровец до Аеродром ми текнува на сите имиња што сум ги заборавила, на сите згради што ги немало, на сите кафичи, на сите улици кои бледо ми стојат во сеќавањата. И штом слезам од авион, мирисот. Прекрасниот мирис на дома.

Многу е чудно што сеќавањата не можат да се апдејтираат. Кога заминав Скопје имаше малку покомунистички драж. Не беше ни подобро, ни полошо, само многу различно. И до ден денес, иако се враќам два три пати годишно, ги ококорувам очите како мало девојче пред сите промени. Новата зграда на ФOН, од карши Мецедес Бенз, а на кривината пред да дојдам во мое маало ја нема бараката кај што купував "Базука" во основно.

Живеам во црвен средновековен град со милион цркви и мали плоштади, калдрми и тесни еднонасочни улици и затоа Скопје ми изгледа Њуjорк. Широки улици, паркови, зеленило, огромни крстосници, прав eвропски град. Заборавам на новиот пат од кај МТВ до Аеродром, на новата автобуска и на сите нови згради со темни стакла. Одам со такси накај Центар и пред собрание извикувам:

" Еј нов коњ!"

Таксистот вика: "Tоа е Крсте Мискирков!"

Сестра ми вика: "Не, Никола Карев е!"

Пробувам да меморизирам: новиот коњ е Никола Карев.

Се вртам лево, еден куп бронзени луѓе. Пак прашувам, ама ми викаат дека од толку споменици веќе не се сеќаваат кој е што. Си го памтам плоштадот чист од уметност и чист од бронза.

Улицата десно после "Јосип Броз" ја прошириле. Го нема "Булевар". Ни "Вулкан". Има некоја продавница за мебел. Ја нема ни "Седмица". Заборавам дека Илинденска сега изгледа како Европски булевар и дека кејот на Вардар врие од народ, од бои и од џагор. Запамети, Емили, ако можеш.

Не разбирам зашто мојот памет не прима ништо ново. Застанал упорно на 2004 или претходно и не мрда од таму. И веднаш почнуваат да ми зборат за некој авион со кафичи, за некоја нова зграда покрај Вардар, за некој паркинг на катови и почнувам да вриштам. Абе не ми зборете, и онака ништо нема да ми остане. За мене сеуште паркингот карши Народна Банка остана полн со прашина и со светилки на импровизирани привремени забавни паркови и на ефтини циркузи.

Има и пријатни изненадувања: вај фај на секаде. Некои навики се евергрин: луѓе што пијат пиво у два поручек, сите со наочари, кој на очи, која на глава, телефоните на маса, тројца луѓе, пет телефони. Некои работи, сепак, ги препознавам. Имам само 3 дена, свадба во меѓувреме и помислата дека кој знае кога следен пат ќе дојдам во мај. Немам време за губење. Имам многу работи да му покажам на Матео. Золошката, ах да. Овој пат, ќе го однесам Матео во Золошка зашто се уште не бил. И во парк на пирошки. И на рингишпил. И на шеќерна волна. Кој знае каков е рингишпилот сега? Сфаќам дека нема да можам на Матео да му раскажам како што јас се сеќавам зашто многу работи веќе ги нема, а има и многу нови кои не ги живеам за да ги запаметам. Затоа ќе го оставам мојот мал човек сам да си ја направи својата скопска приказна. Во неа сигурно ќе има повеќе цемент и повеќе бронза и повеќе кружни текови. Се сеќавам кога бев помала и слушав приказни за старо Скопје. Сега и јас имам старо Скопје кое не наликува на она што го запознава Матео. 

За малку ќе направев инцидент на аеродром. Ги давам двата пасоши и цариникот ми вика:

"А дозвола од таткото каде ти е?"

"Па, има пасош малиот, низ Европа не бараат дозвола!"

"Презимето Монти не е исто како твоето!"

"На татко му е презимето."

"E па да знаеш треба дозвола!"

"До сега не ми побарале дозвола, доаѓам веќе петти пат со малиов."

"Жено, ти изгледа не сакаш да влезеш во Македонија. Па од кај да знам јас дека ти си му мајка на детево!?"

"Ако го отворите пасошот на бебето на втора страна, го пишува името на татко му и моето."

Молк. Низ заби едно "Ајде оди." Ова е за добредојде.

Немаш ти чичко појма колку сакам да влезам во Македонија.

Дома, добренајдов.

 

Емили

emabela@yahoo.com

3 мај 2012 - 09:23