Eспресо лов

Прво, затоа што не е ич клише јас од Италија да ви пишувам за кафе. Второ, затоа што кафето е светско уживање и не познава расни, национални, партиски, полови и верски разлики. Скоро љубов. Трето, добре ве најдов драга публико. Ако немате кафе при раце, подгответе го за случајно да не ви се припие.

Италијанците со кафето си имаат посебна релација: не го мљацкаат по два саати како ние и не те викаат на кафе ако сакаат да ти кажат нешто битно. Не те канат на кафе ако сакаат да поминат долго време со тебе. Aко одите во Наполи и останете без пари, може да влезете слободно без срам да прашате дали има платено кафе.

Да поченеме од сабајле. Утринското е најбрзо на свет: на врат на нос со една мала кифла. Време за доручек 5 минути.

Речник: Еспресо, океј

Корто - кратко

Лунго - долго

Макијато - исфлекано Еспресо со малку пена од млеко, ни од далеку не личи на оние кои јас ги пиев во средно кои беа поштени чаши млеко со кафе.

Лате макијато, наше макијато ☺

Капучино, се разбравме. После ги има и сите нео кафиња: од јачмен, без кофеин, со млеко од соја или ориз, со чоколадо, со фстак, со бадеми, лешници, крем од млеко, летно, зашеќерено и не знам уште какво, ама јас не сум до толку софистицирана по ова прашање.

Кафето е момент за на брзинка: нема седење, оговарање, грицкање на цевка, џарење во мобилен по сто саати или пијуцкање дур не се напраи камен ладно. Идеш пиеш плаќаш и толку. Не е за тепање време. Не е за да пополниш два саати од денот кои немаш како. Ако дечко те покани на кафе, не е добар знак. Од сите фаст причини кои ви ги набројав.

Кафе, љубов. Лесно човек станува зависен од италијанските работи: а после кафето во Италија и после тукашниот сладолед, значи дека сте заебани за сва времена. Пошто подобро нема. Во првите години не разликував добро од лошо кафе: како туристите со нашите ќебапчиња, само после некое време си ин ту.

Кафе, љубов. Не постои ниту еден друг пијалак кој можеш да го пиеш секогаш. Како жена ти кога ти е погодена (упс). Ако не знаеш што да кажеш, за да скршиш тишина момент, можеш секогаш да кажеш: "Ај да пиеме кафе". Така на шанк ќе ви биде помалку незгодно, затоа што секој ќе биде зафатен со експресното пиење на кафето по кое ќе следи експресна гитла.

Кафето спасува живот: мамурлаци, главоболки, непреспани ноќи, будења на лева нога, легнувања наопаку и попреку. За да пополниш попладневна досада, кафе.

Ако пиеш сам, те тера да направиш домаќински есап: што фали по дома, да не заборавиш да купиш средство за одмастување и некој бучкуруш за дезинфекција.

Те тера да помислиш на сите кафиња што им ги ветуваш на луѓе кога ги гледаш низ град и никогаш не им се јавуваш.

И на сите креативни инстаграм кафиња. Уз кафе, се прашуваш прашања на кои немаш одговор од типот зашто луѓе кои немаат деца ги поклонуваат најмузикалните и најгласните играчки евер.

Те тера на интрoспекција: зашто сите книги што ги започнав, ги оставив на третина? Но одговорот не го бараш многу многу, не ти е ни битно да го најдеш.

Со кафе плус сестра ми мислам колку се смеевме како мали кога тетки или баби се забришуваа со два прста за случајно да не им останале траги. Се смеевме дур имавме здив, до солзи и превиткување и до денес кога едната сака да ја насмее другата, линкот е тој.

Со кафе ти доаѓаат на памет идеи кои иначе не ти доаѓаат: да направиш торта од јаболка.

После ручек за да го одржиш алкохолниот левел на задоволително ниво: кафе корето, буквално преведено поправено или корегирано кафе: со ракија, со аверна, амаро дел капо, самбука или како ви е мило.

Кафе со кекс и нутела, со торта, со сув колач, со кило чоколадо како против мерка во дождливите попладниња.

Кафе после неуеспешен шит секс и кафе после љубов.

Јунајтед колорс оф кафе: од Етиoпија, до Бразил, од Индија до подолу: сите сакаат кафе и сите го пијат како да им е убаво, а јас сум за сите да си прават како им е убаво: без универзални рецепти. Турско, нес или експрес.

Во Наполи, традицијата е прекрасна. Нарачуваш едно кафе и едно платено. (Пиеш едно плаќаш две, ако не се објаснив.) После тебе, влага некој и прашува:

"Има платено кафе?"

"Да, повелете." Пие, не плаќа и си оди.

Сите среќни. Сите кафе.

Ако не го употребив доволно многу зборот кафе, една кафена за крај:

Емили, Италија

emabela@yahoo.com

16 март 2013 - 08:45