Нови бизниси

Ај да се смениме

Уште однапред, трампам мала розева Миу Миу за црвена школска ташна. Ја сонував една ноќ, ама нигде да ја најдам. Кој ја има и ја дава нека ме контактира да се смениме.

Гламурот зема нова насока. Еве како светот на модата во време на криза породи креативни начини да нè облече.

Веќе експериментиран бизнис во Америка, изложбениот салон за изнајмување на облека и аксесоари Мамодà се укотви на Шпанскиот Плоштад во Рим. Идејата е на две жени: Марија Баселиче, одамна во модниот сектор и на филмската костимографка Моника Челесте. Денес гламурот не се спушта на земја. Не се оди кон поефтино или кон поефтино брендирано туку станува рент-а-гламур. Денес идеш и викаш: "Сакам да изнајмам една Баленсијага за една недела." И имаш Баленсијага за една недела.

Ова е една од фер идеја што мене ми изгледа корисно за многу случаи: свадба (читај најтмер) гала вечера, битен состанок. Ем мењаш, ем не трошиш многу пари, плус, нема да ви пишува на чело дека јакната сте ја изнајмиле.

Немојте да ме разберете погрешно (иначе мeне работата ќе ми пропадне): не викам да не купувате ништо, да се разбереме, туку дека само дека постојат многу прилики и многу партали кои едноставно не вредат. А ова е паметен начин да се заштедат многу пари во моментот кога на една жена и е потребно многу повеќе него на маж. Исто така, не предложувам изнајмувањето да стане начин на живот пошто така некако есапот е грешен од две причини. Прво зашто сепак ќе трошите пари, а при тоа нема ништо да ви остане. Второ зошто да немате ништо свое и да постојано да зајмувате (било што, кола, куќа, книги, партнер, облека) ми изгледа како да рентате живот, а тоа е многу најглупо.

Вториот анти-криза тренд е исконски. По менхетенска линија и земјата на модата ја фаќа swap вирус. Сè повеќе и повеќе има своп парти, портали наменети за тоа и нема никаква срамота во тоа да одиш и да се трампаш. На шопингот му се дава етички еко осврт.

Во Милано пред некое време се отвори првиот своп бутик за кој може да се земе франшиза. Функционира со членска картичка: откако се регистрираш можеш да трампаш колку сакаш, нормално во вредност на предметот што го даваш. И освен со трампање, "Атеље на рециклираното" поддржува и промовира нови дизајнери, архитекти или занаетџии кои рециклираат стар мебел или прават рестајлинг на домови и канцелари. Ништо не оди фира. Овој но-кост концепт на бутик пркнува малку помалку низ цела Италија.

Направено за детска облека, ова може да биде уште поголем бизнис. Пошто секонд хенд продавница за деца ( а тука ги има доста) се уште не се видело да затворат. Замената ми изгледа уште попривлечна алтернатива и верувам дека многу мајки наместо да ги полнат подрумите со задоволство би менувале алишта.

Помалку формално, без физичка структура во позадина се организираат и Своп парти. И сега Илина ќе ми каже дека не е некоја си голема новост пошто Букбокс предлага дај-ми-на-ти уште одамна, но кога во земјата на модата успеваат да допрат своп забавите за облека, можеби е време на некаква мала трансформација (или на многу голема криза, зависи како го гледате). Овие иницијативи се главно другарски. Не се толку популизирани ниту пак рекламирани.

Одиш кај другарка ти на чај, ги носиш работите кои ти се мали, не ти стојат веќе зашто си фрлила две три килца или пак зашто на твојот дечко не му се по ќејф. И ги даваш на другарка ти. За возврат си земаш нешто друго. Фер плеј. Сите задоволни. Цената е чајот.

И освен во модата, наместо со банкарски трансакции или кешарица се трампа и на други полиња: во Фиренца на пример постои ресторан каде што цехот се плаќа и со размена. Одиш да јадеш и пиеш што сакаш, а за возврат носиш нешто од прехрамбена природа: една гајба патлиџани, зејтин, домашна паста, торта, овошје, пармезан или пак некое парче мебел. Кој што сака. Ама за ова подетално ќе ви зборам во некоја Станица Фиренца.

И на одмор може да се иде со свопање. Ако ве бива за гугл оптимизација, знаете да снимате профи клипови или сте професионални фотографи, можете да го менувате знаењето за викенд или мини одмор кај сакате: на море, на планина, на село, на езеро или во некоја туристичка мета. Понекогаш бараат и ситни хаусмајсторски работи, доброволци за собирање маслинки или некој кој ќе се грижи за градината. Еве, ако сакате да се уверите: тука.

Пошто мене ми се свиѓа да си останам онаму кај што се разбирам, со задоволство би се менувала со алишта. Ако сакате да си поминете фино женско попладне, еве модно-чајна идеја, а ако некој направи нешто поголемо и поотворено, нека ми пише или пак нека го контактира ова фантастично скопско трио. Да можев да организирам кај мене дома, ќе го направев тоа со голем ќеиф пошто едвај чекам да го сефтосам мојот англиски комплет шољи за чај и торта купен на пазар за антиквитети.  Ама затоа може да свопуваме во рамки на некој концерт или да направиме "плати малку и трампај се" и собраните пари да ги дадеме кому ќе ни текне (на пример да ги платиме музичарите :)) Освен забавата ова е супер прилика да бидеме еко френдли: со секои дваесет килограми трампани алишта се штеди енергија која телевизор би ја употребил за да работи нон стоп една година и седум месеци.

Уште однапред, трампам мала розева Миу Миу за црвена школска ташна. Али не од оние што се сега во мода. Стара сакам. Ја сонував една ноќ, ама нигде да ја најдам. Кој ја има и ја дава, нека ме контактира да се смениме. Трампам и зелени обетки од Сваровски. А за некоја своп забава ставам на располагање дваесет кила облека пошто иако љубам да купувам предмети од секаква природа, сепак се само предмети.

Сте за?

Емили, Италија

emabela@yahoo.com

29 јануари 2013 - 16:30