За предрасудите кон дрвосечачите

Додека некаде сечеме некое дрво, поминуваат многу луѓе. Некои се восхитуваат на тешката, прецизна и одговорна работа и нè пофалуваат. Но, ќе помине и по некој кој ќе ни префрли лош збор. Некои такви коментари се тивки, едвај чујни. Но, понекогаш доаѓаат луѓе и за да се расправаат и да навредуваат. Одвреме-навреме слушам и на медиумите како се оцрнува мојот занает. Значи, ни негативните коментари за дрвосечачите не се реткост. Затоа, во овој текст ќе зборувам за вистината за правите дрвосечачи.

Главен и најголем виновник зошто има толку малку дрвја и зеленило се обичните луѓе, верувале или не (види 6.пасус од овој текст). Зборувам во трето, а не во второ лице множина, зашто не се согласувам со нив. Луѓето се лакоми за поголеми куќи, за набиено живеење заради трговија, за големи шопинг-центри (со еден збор, сè поголема урбанизација). Луѓето се сè повеќе „градски“ типови, и не сакаат „селски“, „диви“ глетки (барем не за повеќе од една прошетка). Општество составено од такви луѓе е во остар судар со неагресивно и пријателско живеење со дрвјата и природата. Тоа е ГЛАВНАТА ПРИЧИНА зошто Скопје сега има 700.000 (или повеќе) жители и зошто се исечени толку многу дрвја досега и уште ќе се сечат. Тој процес е со дооолга историја. НИКОЈ нема да го спречи тоа, зашто никој нема ни да признае дека е лаком и соучесник во колективниот грев против природата и човештвото (да не спомнуваме одговорност пред Бог).

Освен ваквата поставеност на работите (“setup”), има и многу дрски поединци што ги заобиколуваат и самите закони (сечат без дозвола за сеча). За инает не вадат дозвола за сеча и дрско велат: ‘Не прашав никого кога го садев дрвото!’. Не сакаат да прифатат дека сите сносиме колективна одговорност, дека пред да дојдеме ние постоела голема шума (да, дури и на местото што ние денес го викаме „град“), и дека треба да им ја оставиме на децата и внуците зашто и сме ја позајмиле од нив.

Дрвосечачите и арбористите (оние кои работат на отстранување хазардни дрвја и одржуваат градски дрвја) не носат закони. Кога би ги прашале нив (вклучувајќи ме и мене), би имало многу повеќе дрвја и зеленило и многу помалку градби. (Всушност, јас имам многу поинаков сон за Земјата, и го споделив со вас). На сите кои сакаат да се расправаат и да дебатираат против сечење, за исправна адреса нека ги погледнат уште еднаш претходните два пасуса. (Лично, не поддржувам такви дебати зашто знам дека се бесцелни. Секој нека биде чесен со себе и нека понесе одговорност за она што ТОЈ го прави за проблемот).

Драги читатели, многу ќе ви користи ако сте на чисто со некои поими. Еве ги уште еднаш (не ме мрзи да ги повторувам на разни начини во разни текстови, сè додека мислам дека има некаква смисла):

  • Бидејќи живееме набиено (и сè понабиено), дрвјата со време стануваат хазардни (опасни). Особено бидејќи се греши и во изборот на садници и локација за нив. Никој не е раат ако има големо дрво над куќа и веќе почнале да се кршат гранки од него или ако некое слично дрво во комшилук паднало и направило голема штета.
  • Ако арборист исекол хазардно дрво, а притоа останал неповреден, не повредил никој друг и, по можност и со голема мака, не направил ни материјална штета, тоа е за секоја пофалба. Тоа е како да се борел и да убил некоја ѕверка за да се спаси нечиј живот. Жално е да се убие било кое животно, но ако ја гледаш целосната слика, поважното е постигнато, а тоа е за пофалба а не за критика, нели?   
  • Дозволете им на сопствениците да си одлучат дали ќе го сечат своето дрво или не. Не се мешајте во туѓ двор, во туѓа одлука и во туѓа одговорност.
  • Ако ме видите мене како сечам некое дрво некаде, знајте дека не е само за пари. Сум ги испитал работите добро од сите страни, сум се уверил дека не правам криминал, и сум зборувал отворено со сопствениците (како со вас сега) за ризиците, за користите и за последиците од евентуалната сеча, а после сум ја прифатил нивната одлука. Освен тоа, ви имам кажано и дека понекогаш одбивам да сечам кога сум убеден дека е погрешно (види 5.пасус овде).
  • Дрвосечачкиот и арбористичкиот занает се едни од најтешките занаети на светот. Не им правете дополнителни неволји на тие луѓе; пуштете ги во мир да го завршат денот.
  • Секогаш ќе се сече. Дрвото е природен, еколошки, обновлив, неспоредлив, фантастичен материјал, незаменлив за градба, за мебел, за декорација, за алат... Кога дрвјата се обновуваат и кога во секое време има дрвја од сите стадиуми на зрелост, и тоа во изобилство, нема никаков спор ако се исече по некое внимателно одбрано дрво на внимателен начин. Ако некој прави спор од самото сечење и е против секакво сечење, не ја разбрал добро ни природата ни местото на дрвјата и на човекот во неа.

Кога нареден пат ќе видите дрвосечач како работи, ако ви дојде лош коментар појдете на исправна адреса и кажете го таму (ви ја „пишав“ адресата погоре). Ако имате убав збор, кажете го слободно, па да се поздравиме како луѓе и како пријатели.

П.с. Со еден мој другар направивме аматерски видео клип за овој текст. Се надевам ќе ви се допадне, посебно пораката.

Дејан Илиевски, дрвосечач и градинар (ФБ)