За поинакви печуркари и природњаци

Без сомнение, некои работи што ги среќаваме додека шетаме низ природа се многу таинствени. Предизвикуваат и некои од најсилните чувства кај нас. Има луѓе кои имаат разни фобии од нив и се плашат и да погледнат во нив, други кои се поофанзивни и ги ништат кај и да ги сретнат, трети кои со сласт шират приказни за нив без никаква основа, но и такви кои ги гледаат само преку некаква корист. Јас лично не сум во ниедна група.

Она што во продолжение ќе го кажам за печурките, начелно се однесува на безброј други облици на живот за кои постојат табуа, предрасуди, потполно непознавање и целосни невистини. Други облици на живот кои трпат од нас, такви какви што сме, се мечките, волците, змиите (посебно смоковите), враните и пајаците, на пример. Трпиме и самите ние, само треба почесто некој да ја елаборира вистината во свет на лага. Затоа, да разјасниме уште еднаш неколку факти за животот.

Ништо не е направено аморфно (без постојана форма). Затоа на сè може да му се даде научно име и презиме. Со оваа проста вистина најголем проблем имаат тие кои постоењето на животот го припишуваат на случајност. Ако животните и растенијата ја добиле својата форма (изглед) случајно, тоа би значело и дека таа нивна форма не е баш постојана и може да се смени. Такви поединци обично веруваат дека животните и растенијата настанале со случајни промени во генетската шифра на некој (или неколку) првобитен облик на живот, можеби преку мутации. Меѓутоа, реалноста покажува нешто сосема друго. Мутантите се послаби од основната форма, обично се неплодни и не можат да остават потомство (со тоа не можат да акумулираат ни наводни позитивни промени во генот) и , по некое време, сè се враќа на основната форма.

Очигледно, генот е моќен стабилизирачки фактор. Применето на нашата тема: ако запознаеш некое животно или растение еднаш како што треба (на пример, некоја печурка), ќе бидеш сигурен во неговото препознавање секогаш. Нема да имаш причина да се плашиш дека можеби читаш од книга која веќе е застарена, или дека во меѓувреме си го сменило изгледот.

Дивите облици на живот може да бидат многу таинствени

Во природата нема баксузи. Тоа е поврзано со претходната точка. Како што се во опасност оние кои веруваат во теорија на случајност и релативност („Сè е релативно, не можеш да бидеш сигурен во ништо“), подеднакво треба да се пазат и фаталистите. Изгледа чудно, но во 21.век некои мислат дека ако имаат „среќа“ нема да соберат некоја отровна печурка, или дека некој ќе се затруе ако е „баксуз“. И со таков став собираат и јадат! Јас никогаш не би се осмелил на такво нешто... Дури не ни јадам од други собирачи што не ги познавам лично, посебно нивните ставови кон учењето и животот. Ако си собрал отровна печурка тоа не е затоа што си баксуз, туку затоа што си незнаjко (барем моментално). Просто е, добри познавачи не се трујат. Приучените се трујат.   

Или ги знаеш или не ги знаеш; трето нема

Ништо не е направено да си поигрува со нашата способност за сфаќање. Што правиш ако најдеш печурка што не се вклопува во описот на ниту една печурка што ти ја знаеш? Смееш ли да ја пробаш? Да ја осетиш во уста? Смееш ли да ја допреш? А, да ја земеш дома, можеби во иста кошница со други печурки за кои си сигурен дека се јадат? Како доаѓаш до нови знаења ти лично? Како и да одговори на претходните прашања, на што ги темелеше своите одговори? На прочитано? Истражено? На внатрешен осет, „шесто чуло“ или интуиција? Колку, всушност, си студиозен? Запомни, одговорите на тие прашања ти го обликуваат животот во секој аспект и еден ден можат и да бидат пресудни за него.

Ако те интересираат печурки, научи повеќе за нив

Ништо не е направено да биде штетно за другите облици на живот. Нема штетни печурки. Ќе бидат штетни ако ги изедеме оние кои не се за јадење. Но, сами по себе, ниедни не се „штеточинки“. И најотровната по нас си има свое место во сложениот екосистем, кој ние слабо го познаваме, уште послабо го разбираме а најслабо го цениме. Затоа, ништо не е за уништување. Волците не јадат луѓе. Не јадат ни овци во добро заградено трло. Ако има доволно дивеч, никогаш не би ни нападнале домашно животно. Лажги со опашки се дека смоковите дават луѓе. Во 21.век, немаш апсолутно никакво оправдување да тепаш и газиш животни и растенија што не ги познаваш. Запознај ги. Прашувај. Учи. Споредувај. Не си замислувај дека си научил сè. Ниеден научник не знае сè. Уште прашувај. И понизно додавај нови знаења на старите. Сè ќе си добие смисла во животот. Ќе бидеш многу посреќен и ќе ти се отворат очите за вистини скриени од другите. Нема да се бориш со животот. Ќе го засакаш. 

Можеби овој текст за некого звучи како филозофирање. Можеби затоа што е за ставови а не за некој поопиплив проблем. Но, во основата на нашите постапки се ставовите. Оние што вистински ја сакаат науката ќе осетат дека ова не се зборови на филозоф. Им посакувам на сите кои се шетаат низ природа, на сите кои среќаваат знајни и незнајни облици на живот и на сите печуркари да уживаат уште повеќе во сè што нè опкружува, слично како што уживам и јас.

Како доаѓаш до нови знаења?